„Елегија во пет здива“ на фестивал во Романија на театарскиот фестивал „Еуроталиа“

Сподели

 

На 30 септември во преполната сала на Германскиот театар во градот Темишвар,  Романија, во рамките на театарскиот фестивал „Еуроталиа“ гостуваше претставата „Елегија во пет здива“ во режија на Филип Петковски и копродукција на авторот и Театарот „Јордан Хаџи-Константинов- Џинот“ од Велес.

Како што информира Велешкиот театар, претставата беше во потесна селекција со уште други девет претстави кои беа изведени од страна на престижни театарски компании, како: „Ultima Vez“, „Rimini Protokoll“, „Burgtheater“ и „The New Riga Theatre“. Оттаму додаваат дека во претставата, која беше проследена со силни аплаузи и неколку повици за бис, учествуваа Васил Зафирчев, Наталија Теодосиева, Симона Димковска и Сара Цветковска, кои брилираа на сцената со танцови и актерски перформанси, проследени со музиката на: Дуке Бојаџиев, „Синтезис“, „ДахаБраха“, Бетовен и Чајковски.

Претставата е базирана на мотиви од стихови од поезијата на Радован Павловски, Петре М. Андреевски, Михаил Ренџов, Ацо Шопов и Никола Маџиров, а трансформацијата на поезијата како уметничка форма која го користи јазикот за постигнување естетски квалитет и продлабочување на нејзината семантичка содржина, преточени во танцов перформанс, е главна задача на режисерот и на кореографот.  

Во претставата се прикажани пет перформанси (пет здива) кои имаат цел да создадат универзално разбирлив сценски јазик, доловен преку мултидисциплинарен пристап на подготовка и изведба преку комбинација на повеќе медиуми на сценско изразување, како: танц, нарација и физички театар. Фестивалот е во рамките на уметничката програма на „Темишвар – Европска престолнина на културата за 2023 година“, а токму македонските изведувачи ја имаа честа да го затворат фестивалот и да презентираат нов и современ пристап на театарско изразување кој совршено се вклопи во уметничката програма.