Електричната енергија е основниот двигател на Европа и на целиот свет

Сподели

 

Делегација на Комисијата за економија, земјоделство и транспорт од Парламентот на Република Чешка, денеска се сретна со членовите на Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Северна Македонија. На средбата беа отворени теми за надминување на предизвиците во енергетиката.

Претседателот на Комисијата за економски прашања Диме Велковски, рече дека во изминатиот период во државата е зголемено производството на електрична енергија поради големиот број на сончеви денови во годината. Во последните три месеци од годината со новите фотоволтаици има продуцирано околу 60 нови мегавати електрична енергија. Со нови законски одредби овозможено е формирање на енергетски заедници кои сами ќе можат да произведуваат електрична енергија. За таа намена Велковски рече дека енергетски фонд за поддршка за изработка на проекти за енергетска ефикасност во моментот изнесува пет милиони евра.

Велковски се заблагодари за поддршката на Република Чешка и  во делот на економијата, стопанството, евроинтеграциите и за зачувувањето на  македонскиот идентитет.

Претседателот на Комисијата за економија, земјоделство и транспорт од Парламентот на Република Чешка, Мирослав Плевни, истакна дека темите за енергетиката се многу битни бидејќи електричната енергија е основниот двигател на Европа, но и на целиот свет. Тој информираше дека Република Чешка континуирано ги решава енергетските предизвици. Во таа насока спомена дека  Чешка повеќе не е зависна од рускиот гас, бидејќи почна да се потпира на други обновливи извори на енергија.

На средбата беа споделени и искуства за надминување на предизвиците со складирањето на произведената електрична енергија од фотоволтаици.

На средбата беше присутен и чешкиот амбасадор во Република Северна Македонија, Јарослав Лудва. Тој посочи дека Чешка и понатаму ќе ја поддржува нашата земја во напорите за влез во ЕУ и дека очекува наскоро да бидат надминати сите предизвици на тој пат. „И на патот кон ЕУ ќе бидеме заедно“, рече Лудва.