Компанијата „Епл“ ги претстави своите планови за скенирање на своите „ајфони“ кои се продадени на корисниците во САД за пронаоѓање на слики од сексуална злоупотреба на деца, јавува Гардијан. Ваквата најава е поздравена од здруженијата за заштита на сексуалната злоупотреба на деца, бидејќи со алатката neutralMatch ќе може да се пронајде ваквиот компромитирачки фото-материјал.
Сепак, оваа мерка за безбедност на децата ги вознемири групите кои ја штитат приватноста и личните податоци на граѓаните и кои предупредуваат дека ваквиот потег на „Епл“ може да биде злоупотребен, вклучително и од владите ширум светот кои сакаат да ги надгледуваат нивните државјани, пренесува Мета.мк.
Алатката за скенирање на телефоните на „Епл“ е дизајнирана да открие фотографии од сексуална злоупотреба на деца, кои ќе бидат скенирани пред да бидат поставени на iCloud. Ако таа пронајде совпаѓање, фотографијата ќе биде прегледана од човек. Доколку се потврди сексуална злоупотреба на деца, сметката на корисникот ќе биде блокирана и за ова ќе биде известен американскиот Национален центар за исчезнати и експлоатирани деца.
Покрај ова, „Епл“ се одлучи да ги скенира енкриптираните пораки на корисниците на „ајфоните“ за пронаоѓање на експлицитна сексуална содржина како мерка за безбедност на децата, но и ваквата одлука е критикувана од групите за заштита на приватноста на граѓаните и нивните лични податоци.