Претседателот на Република Турција Реџеп Таип Ердоган и американскиот претседател Доналд Трамп во текот на телефонскиот разговор во вторник вечерта, го усогласија заедничкото делување против терористичките елементи во Ал-Баб и Рака, во Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Извори од кабинетот на турскиот претседател истакнаа дека двајцата лидери разговарале околу 45 минути за прашањата во регионот и светот, како и дека разговорот се одвивал во позитивна атмосфера.
Во текот на разговорот фокусот бил на сојузништвото и блиската соработка, а меѓу другото, и за бегалската криза и борбата против тероризмот. Трамп рекол дека сака да развива билатерални односи со Турција и поблиска соработка кога станува збор за регионални теми.
Ердоган на Трамп му укажал на важноста на борбата против терористичката организација ПКК, и истакнал дека Соединетите Американски Држави не би требале да го поддржуваат сирискиот огранок на таа организација, ПЈД/ЈПГ. Претседателот на Република Турција на новиот американски претседател му посакал успех во работата, и говорел за обидот за државен удар во Турција кој на 15. јули 2016. година го изведоа воени лица лојални на терористичката организација ФЕТО, на чие чело се наоѓа Фетулах Ѓулен.
Ердоган истакна и дека очекува САД да биде на страната на Турција кога станува збор за борбата против ФЕТО. Тие двајца разговарале и за чекорите кои ќе бидат преземени за да се зголеми економската соработка помеѓу двете земји.
Во текот на разговорот е кажано дека директорот на ЦИА Мајк Помпео првата посета во странство ќе ја реализира во четврток и тоа токму со доаѓањето во Турција каде со локалните функционери ќе разговара за борбата против тероризмот, првенствено против ПЈД и ФЕТО.
Лидерите ја истакнаа желбата да се состанат во најкраток рок.