ЕЦПР: РС Македонија ќе плати оштета на семејствата на двајца Роми кои умреа во затвор

Сподели

 

ЕЦПР – Европскиот центар за правата на Ромите, соопшти дека Владата на Северна Македонија ќе плати 24.000 евра на семејствата на двајца мажи Роми, кои умреле под сомнителни околности, додека биле во затвор во 2017 година.

Тие посочуваат дека ЕСЧП – Европскиот суд за човекови права затворил два случаи, по постигната спогодба меѓу членовите на семејствата и Владата.

„Андриас Реџепов, 21-годишен Ром, умрел во КПУ Идризово, Скопје на 11 март 2017 година. Беше известено дека умрел од предозирање со метадон иако не бил зависник од дрога. Постојат докази дека, во часовите пред неговата смрт, Реџепов бил изложен на тортура. Неговите родители ќе добијат оштета од 6.000 евра поединечно.

Јусинов Ердал беше 25-годишен маж кој умрел на 22 март 2017 година во затворот КПД Штип откако, во часовите пред неговата смрт, не му била обезбедена медицинска нега. Јусинов бил женет и татко на 3-годишно момче и 1-годишно девојче. И во овој случај постојат наводи дека бил малтретиран од страна на затворските чувари и лекари. Неговата сестра ќе добие оштета од 12.000 евра“, велат од ЕРРЦ.

“Цела Северна Македонија треба да го смета секој од овие трагични смртни случаи како срам за нивната земја. Ова е трет случај во последните години во којшто ЕЦПР ја тужеше Северна Македонија и обезбеди илјадници евра како компензација за семејствата на починатите – и ќе продолжи да ги истражува сите случаи на сомнителна смрт и да презема правни дејствија ако властите одбиваат да преземат одговорност за нивните пропусти. Од 2017 година, ваквите грешки ги коштаа македонските даночни обврзници повеќе од 33.000 евра во исплатени штети, а ЕЦПР има и други случаи кои чекаат разрешница. Ова треба да биде порака за одговорните дека институционалната дискриминација е скапа, а ние ќе се осигуриме таа скапо да ве чини“, изјави претседателот на ЕЦПР Ѓорѓе Јовановиќ.

Од Европскиот центар за правата на Ромите велат дека иако пријателската спогодба значи дека нема да се донесе пресуда за осуда на надлежните власти, исплатата на оштетата во ваков износ, како што велат, во одредена мера ја адресира сериозноста на човековите права што биле повредени, но и дека може да се смета како премолчено признание на вина од страна на Владата.