ЕУ во октомври ќе се наврати на прашањето за датум за преговори

Сподели

 

На состанокот на министрите за надворешни работи на членките на ЕУ во Луксембург, договорено е повторно да се навратат на отворањето преговори со Северна Македонија во октомври, јави дописникот на државната агенција МИА од Брисел.

Во заклучокот од состанокот за Северна Македонија се вели дека е земена на знаење препораката на Европската комисија за отворање пристапни преговори, но поради важноста на прашањето и ограниченото време на располагање, за одредувањето датум ќе се расправа повторно, не подоцна од октомври годинава.

По завршувањето на состанокот, еврокомесарот за проширување Јоханес Хан на прес-конференција изјави дека мал број на членки биле против и предупреди дека колективниот кредибилитет на Унијата е во прашање.

– За жал, малцинство на земји-членки не беа во можност да го поддржат јасниот предлог на Европската комисија да се отворат преговори со Северна Македонија и Албанија. ЕК цврсто верува дека ЕУ треба да ги награди тие кои ги исполниле барањата поставени од самиот Совет минатата година, нашиот колективен кредибилитет е во прашање, во прашање еднакво се и нашето влијание и поттик – изјави Хан, изразувајќи и надеж дека во октомври Северна Македонија и Албанија ќе добијат „зелено светло“.

„Потврдувајќи ги заклучоците од 26 јуни 2018 година, Советот силно го поздравува историскиот Преспански договор без преседан и добро ја зема на знаење препораката на Европската комисија за отворање на пристапните преговори со Република Северна Македонија врз основа на позитивната евалуација и направениот прогрес во исполнувањето на условите идентификувани од страна на Советот. Со оглед на ограниченото време на располагање и важноста на прашањето, Советот ќе се наврати со цел постигнување јасна и суштинска одлука најбрзо што може и не подоцна од октомври 2019 година“, гласи последната верзија на заклучокот за Северна Македонија.