Франција во недела, на 3-ти јули, во четвртфиналето ќе игра против победникот од мечот од осминафиналето во кој утре ќе се сретнат Англија и Исланд. Селекторот Дешам нема да може во тој меч да смета на Адил Рами и Нголо Канте, кои денеска добија жолти картони
ЛИОН (АА) – Во натпреварот помеѓу домаќинот Франција и селекцијата на Република Ирска во осминафиналето виден е најголемиот пресврт на досегашното ЕУРО, а Французите со два гола за три минути направија резултатско враќање и изборија пласман во четвртфиналето, јавува Anadolu Agency (AA).
Репрезентацијата на Франција и Република Ирска ги одмерија силите во осминафиналето на Европското фудбалско првенство кое се игра во Франција, а натпреварот на градскиот стадион во Лион го судеше италијанскиот судија Никола Рицоли.
Со голема поддршка на навивачите од трибините, избраниците на францускиот селектор Дидие Дешам во натпреварот влегоа како исклучителни фаворити, но ладен туш доживеаа веќе во втората минута кога судијата Рицоли досуди пенал поради прекршокот на Пол Погба над Шон Лонг во францускиот шеснаесетник, а сигурен реализатор на ударот од 11 метри беше Роби Брејди.
Во продолжение на мечот Французите имаа иницијатива, но без значајни можности да го загрозат ирскиот гол, а Ирците со борбена игра на одмор заминаа со заслужена минимална предност од 1:0.
И второто полувреме започна со иницијатива на Франција, а одбраната на Ирска капитулираше за прв пат во 58-та минута кога Антоан Гризмен добро реагираше на центаршутот Бакари Сања и со удар со глава ја смести топката во голот на Ирска израмнувајќи со 1:1.
Само три минути подоцна Гризман со резантен удар повторно ја погоди мрежата на ирскиот гол за резултатскиот пресврт од 2:1.
Во 66-та минута Ирците останаа со играч помалку на теренот бидејќи поради остриот старт на Гризман на крајот од шестнаесетникот, црвен картон доби Шејн Дафи.
До крајот на натпреварот Французите имаа неколку шанси за зголемување на предноста, но резултатот и на крајот беше 2:1.
Франција во недела, на 3-ти јули, во четвртфиналето ќе игра против победникот од мечот од осминафиналето во кој утре ќе се сретнат Англија и Исланд. Селекторот Дешам нема да може во тој меч да смета на Адил Рами и Нголо Канте, кои денеска добија жолти картони.