Претседателот на Владата Република Северна Македонија Димитар Ковачевски за време на работната посета на Брисел оствари средба со пратеници во Европскиот Парламент, членови на парламентарната група на социјал-демократите.
На средбата, на која присуствуваше заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, во фокусот на разговорот беше ситуацијата во Украина и целосната усогласеност на Северна Македонија со надворешната и безбедносната политика на ЕУ, во осудата на воената агресија во оваа земја, како и во однос на санкциите кон Руската Федерација.
Европратениците покажаа интерес и за предизвиците со кои се соочува Северна Македонија во справувањето со последиците од војната кои предизвикаа економска и енергетска криза.
Антикризните мерки и политиките на Владата во однос на овие прашања беа препознаени како прогресивни и развојни, и како мерки кои го штитат стандардот на граѓаните.
Премиерот Ковачевски оствари средба и со претседателката на групата на социјалдемократските партии во Европскиот Парламент Ираче Гарсиа Перез, на која беше изразена и силната поддршка за нашите заложби за креирање суштински дијалог со Бугарија.
Таа заложба, беше оценето, е сведоштво за посветеноста на Северна Македонија кон европските вредности и европската визија на земјата како единствен начин кој ќе донесе достоинствено решение во интерес на граѓаните на двете држави.