Европската конфедерација на синдикати предупредува дека ќе го исклучи ССМ од членство

Сподели

Генералниот секретар на Европската конфедерација на синдикати (ЕТУЦ) Лука Висентини пред престојниот вонреден конгрес на Сојузот на синдикати на Македонија упати уште едно писмо до ССМ во кое укажува дека се повторува постапката за избор на синдикален лидер како во времето на досегашниот претседател Живко Митревски и оти со тоа се блокираат демократските промени во Синдикатот.

– Вашето последно писмо ни даде чувство на „дежа ву”, бидејќи го користите истиот јазик како Митревски за почитување на правилата на постапките и масовната поддршка од гранските синдикати и така натаму. Како што рековме, ние од Вас очекувавме нов почеток и демократизација со измена на внатрешните правила правејќи ги истите поотворени со цел да се избегнат пречките со кои и Вие се соочивте, вели Висентини во одговорот на писмото од в.д. претседателот на ССМ Дарко Димовски.

Висентини наведува дека улогата на ЕТУЦ не е да поддржува или проценува еден или друг кандидат, туку да оценува колку се демократски и независни нивните членки.

– Од вашето писмо ние разбравме дека не Конгресот, туку Советот, е тој кој веќе ја усвоил една од најважните одлуки на ССМ и дека имате намера да продолжите со (да ги задржите сите) претходните постапки. Ова ќе го земеме во предвид кога ќе го оценуваме процесот и неговите последици за членство во ЕТУЦ, истакнува Висентини во писмото.