Kонкурс “Млади европски креатори на наследство” (#HeritageMakers of Europe)

Сподели

 

Европските денови на културното наследство и Музеј на Република Северна Македонија го најавуваат овогодинешното издание на конкурсот Млади европски креатори на наследство. Почетокот на активностите ќе биде означен со објавата на Инстаграм на 15 август 2022 година.
 
Оваа активност има за цел да им даде вистински глас на децата и младите луѓе, преку поттикнување и идентификување на идните Креатори на наследство на Европа (#HeritageMakers of Europe). Тоа се однесува на приказни коишто децата и младите луѓе ќе одлучат да ги истражуваат и да ги раскажат, како сопствена интерпретација на местата, градбите и предметите на културно наследство околу себе, во визуелен формат, како видео, фотографии, цртежи или слики, придружени со текстуална сторија.
 
Иницијативата охрабрува испраќање на групни креации. Пријавувањето е отворено за две старосни категории: деца родени помеѓу 2011 и 2016 година и младинци родени помеѓу 2005 и 2010 година. Нема ограничувања за големината на групата за децата од категоријата на основно училиште, таа може да се состои од 2 учесници, до, на пример, целиот клас. Строго препорачуваме, групата на млади луѓе од средните училишта да биде ограничена на 2 до 5 учесници. Улогата на менторите (професионалци коишто имаат право да работат со деца – учители, библиотекари, музејски тимови, и др.) е да ја осмислат активноста, но не и да интервенираат во процесот на истражување од страна на децата и во нивната слобода да се изразат себеси. Дозволено е еден ментор да работи со повеќе групи на деца.
 
На национално ниво, активностите ќе можат да се организираат од 15 август 2022 година до 20 јануари 2023 година, по што ќе се изврши националната селекција на најдобрите творби (по една од секоја категорија). Потоа креациите ќе бидат евалуирани на европско ниво, во февруари 2023 година, а имињата на наградените ќе бидат објавени на почетокот на март 2023 година.
 
Творбите можат да бидат креирани и поставувани на англиски или на локалниот јазик. Формуларот за аплицирање ќе биде достапен на веб-страницата на ЕДКН од 15 август 2022 година. Имајќи предвид дека темата на Европските денови на културното наследство за 2022 година е „Одржливо наследство“ – Sustainable Heritage, препорачуваме Младите европски креатори на наследство да ја бараат својата приказна за Европа во материјалното, нематеријалното, природното и/или дигиталното наследство.
 
Подетални информации за условите и роковите можете да добиете на веб страницата на ЕДКН: Young European Heritage Makers 2022 coming soon! или на социјалните медиуми: https://www.facebook.com/EHDays/ и https://twitter.com/JEP_EHD