Кога ќе си дојдеш дома
Кога ќе си дојдеш дома, во онаа прва дома, кај што си ги надраснал душеците и каблите од фиксниот телефон. Кај што машината за перење има единствен звук, чергичето пред врата навистина посакува Добредојде и на фрижидерот има магнети од сите дестинации што паднале в дланка. Кога ќе си дојдам дома, благоста на лицето на мајка ми ме смирува. Гравчето со лута пиперка е како лек. Лебот замесен од нејзините раце е мојот прв плач и последна среќа. Татко ми ги …прави сите пинџури на светот и со нежност ме прекорува дека “не идеш толку често, кога ќе возиме точкови?”. Им недостигам – ми недостигаат. Ама се имаме. Ружите во вазната во дневна точно знам како се наместени… Детската соба уште е детска. Ќе биде таква засекогаш. Полна со џагорот од годините, книгите на полиците и приказните за добра ноќ. Кога ќе си дојдеш дома, немаш страв. Утробата на собите, те гушка и ти кажува дека љубовта со која си создаден и вон тебе и во тебе, е за нови раѓања. Кога ќе си дојдеш дома, таванот е небо. Перниците облаци. Огледалата ехоа од минатото. Љубовта – секој збор и движење на драгите луѓе.
Фб статус, Ана Голејшка