Вести Свет

ФЕЈСБУК СТАВА КРАЈ НА „НЕМА ДА ПОВЕРУВАТЕ…“ НАСЛОВИТЕ

Сподели:

FB-naslovi-702x336

1,7 милијарди корисници на најпопуларната социјална мрежа Фејсбук, ќе добиваат помалку вести со сензационалистички наслови на својот профил.

Компанијата разви нов алгоритам кој треба да ги идентификува и отстрани таканаречените „clickbait“ наслови, кои намерно залажуваат или кријат информации со цел да влијаат на љубопитноста и да ги натераат луѓето да кликнат на нив. Бројот на вакви наслови особено се зголеми последните години, поради се поголемата употреба на социјалните мрежи во секојдневието на луѓето.

„Нашата цел со вестите на профилите е да им прикажеме на луѓето вести кои се важни за нив – подредувајќи ги информациите по тоа колку некоја вест е важна за некоја личност толку повисоко да се појави на неговиот профил“, информираат од тимот на Фејсбук.

Новиот систем треба да ги идентификува фразите кои најчесто се користат во такви „clickbait“ наслови. Селекцијата ќе се прави во два случаи – доколку насловот крие информации потребни да се разбере содржината на веста, или ако насловот ја преувеличува веста со цел да се создадат погрешни очекувања за читателот.

Како пример Фејсбук ги посочува следниве „clickbait“ наслови: „Нема да поверувате кој се сопна и падна на црвениот килим…“, или „Јаблоките се всушност лоши за вас?!“.

Илјадници наслови биле разгледани од тимот на компанијата, користејќи ги овие критериуми, по што ги оценувале поединечно со цел да создадат листа на фрази на кој ќе се заснова системот. Објаснуваат дека системот ќе работи на сличен начин како филтрирањето на „спам“ пораки во е-пошта.

Од Фејсбук велат дека повеќето корисници нема да видат преголеми промени во вестите кои примаат, но интернет сајтовите кои своите вести ги пласираат со „clickbait“ наслови можат да очекуваат намалување во споделувањето на нивната содржина.

radiomof.mk

Сподели: