Обвинетиот Ѓоко Поповски не се појави во судот, бидејќи според одбраната имал препорака од лекар дека мора да мирува. Судот го одложи судењето за 21 ноември и ѝ укажа на одбраната дека мора да донесе лекарска документација со отворено боледување, бидејќи до денес Поповски имал само препорака, а не и отворено боледување.
Ако некој стори кривично дело јас ќе го гонам, па дури и да е на смртна постела, рече специјалната јавна обвинителка Фатиме Фетаи на денешното судско рочиште по предметот „Триста“.
-Тој е обвинет, против него има постапка и тоа што е на боледување не значи дека не треба да се појавува на судските рочишта. Од ништо не произлегува дека тој е спречен да присуствува на денешното рочиште. Истото се случи и во текот на истрагата кога тој не се појави на распит. Тогаш лекарската комисија ме извести дека тој е ограничен во одењето и седењето, дека не е неподвижен и дека не е ограничен во зборувањето – рече Фетаи обраќајќи му се на судот.