Филхармонијата го слави јубилејот со концертот „80 години – Љубов!“

Сподели

Со концертот „80 години – Љубов“, вечер (28 ноември) со почеток во 20:00 часот, Оркестарот на Националната филхармонија ќе го прослави својот јубилеј – осумдесет години од формирањето. На програмата е светската премиера на „Куклици“ од македонската композиторка Ана Пандевска, како и Концерт за пијано и оркестар во а-мол од Едвард Григ и монументалната Симфонија бр. 1 – „Титан“ од Густав Малер. Како солист ќе настапи нашиот пијанист со блескава интернационална кариера – Симон Трпчески, а концертот ќе го води шеф-диригентот на Филхармонијата, маестро Јерухам Шаровски од Израел. 

Свечената церемонија по повод одбележувањето на 80-годишниот јубилеј ќе започне во 19:30 часот, во фоајето на Филхармонијата, со настап на академскиот хор „Мирче Ацев“, кој ќе изведе три композиции од основоположниците на Оркестарот на Македонската филхармонија – Тодор Скаловски и Трајко Прокопиев. Публиката ќе има можност да ги чуе „Ленка“ од Прокопиев и „Рапсодија бр. 2“ и „Македонска хумореска“ од Скаловски. Со хорот ќе диригира Јасмина Ѓорѓеска-Каро. Во фоајето ќе биде поставена и изложба на фотографии што го следат историскиот континуитет на Македонската филхармонија и нејзините најзначајни моменти.

Свечениот концерт на Националната филхармонија преку директен пренос ќе го пренесува МРТ со цел јубилејното чествување да го проследи поголем број публика, во целата наша држава. Преносот ќе биде збогатен со дополнителни прилози и содржини, а за време на паузата од отвореното студио на МРТ во фоајето на Филхармонија, гледачите ќе имаат можност да проследат кратки разговори и интервјуа со значајни дејци од музичкиот живот во земјава.