Филипче: Епидемиолошката состојба се влошува заради непочитување на мерките

Сподели

 

На денешната прес-конференција, министерот Венко Филипче изјави дека епидемиолошката состојба со КОВИД-19, последните денови се влошува, а главната причина е непочитувањето на мерките, кое според него е недозволиво.

“Главна причина се должи на непочитување на мерките на семејни собири, дружења и средби. Затоа се размислува за воведување нови мерки со кои ќе се избегнат затворања и карантини. Дел од мерките кои се разгледуваат се и носење маски и на отворено, ограничување бројот на лица на маси во угостителски објекти, забрана за семејни веселби во затворено, прецизни протоколи за работа на угостителските објекти и за јавниот превоз да се ограничи бројот на луѓето кои се возат во еден автобус.

Според анализите на Комисијата за заразни болести, заклучно со 19 септември, најголем број заразени се регистрирани во Скопје, Куманово, Тетово и Штип. Според дистрибуција на возрасни групи и натаму е најзастапена групата на луѓе постари од 60 години, но исто така критична е групата помеѓу 30 и 39 години. Анализите на потврдените случаи во земјава покажуваат дека најголем број на новозаразените се по локален начин на пренесување на вирусот. Податоците за текот на епидемијата во последните 14 дена во споредба со другите земји покажуваат дека инциденцата на 100.000 жители кај нас изнесува 79.2 проценти, а во другите земји во просек е 76 проценти. Кај нас, во последните две недели, од вкупниот број заразени пациенти, 32 отсто имале контакт со потврден случај, 62 отсто се од непознат извор и еден мал дел се неистражени. Состојбата со болничките капацитети е стабилна” – рече Филипче на почетокот на прес-конференцијата.

“Во однос на мерките за кои размислуваме, се надевам дека нема да има потреба да ги имплементираме, ако се почитуваат досегашните мерки” – додаде министерот.