Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче, во вечерашното гостување на ТВ21 истакна дека е горд како се справија здравствените работници, кои се мобилизираа да одговорат предизвик кој досега не се случил воопшто.
„Целосно го мобилизиравме здравствениот систем, здравствените работници, од сите јавно-здравствени установи, а по потреба и од приватните заради што веќе разговараме со приватните болници. Ваква ситуација на мобилизација, на ротација на кадар немало никогаш во нашата земја”, рече Филипче.
Тој изјави дека веќе четири месеци здравствените работници непрекинато работат и дека дел од нив се веќе уморни. Истакна дека иако бројот на инфектолози е мал, здравствениот систем соодветно и професионално одговора на предизвикот и истакна дека мобилизација и ротација на здравствените работници во ваков обем немало никогаш ниту во нашата земја ниту во светот.
„Горд сум на здравствените работници. Се престроија за нешто за кое никогаш не беа спремни, ниту здравствениот систем кај нас не бил подготвуван да одговори на еден ваков предизвик“, истакна Филипче.
На прашањето за извесни обвинувања дека лекарите и медицинскиот персонал кои доаѓаат од внатрешноста не се подготвени, Филипче изјави: „Апсолутно не е точно дека медицинскиот персонал кој дојде од внатрешноста е помалку подготвен за постапување во вакви ситуации. Тоа се искусни лекари и медицински сестри и се крајно професионални”.
Министерот Филипче упати апел до граѓаните дека со одговорното однесување ќе им се помогне и на лекарите и на медицинските сестри.
„Ова не е борба којашто ние сами можеме да ја добиеме. Не може да се постигне од наплив на пациенти којшто можел да се спречи ако граѓаните ги почитувале мерките. Со почитување на мерките се штити инфивидуалното здравје, се штити колективното здравје, се штити здравствениот систем“, потенцираше министерот Филипче.