Филипче: Ја разгледуваме можноста за набавка и на кинески вакцини

Сподели

 

“Остануваме посветени на реализација на набавките за вакцините преку механизмот Ковакс и во директните набавки од компанијата Фајзер. Но, факт е дека компаниите се соочуваат со проблеми во испораката и доцнење на вакцините во целиот свет и во Европа. Во моментов ја разгледуваме и можноста за набавка на вакцини од Кина и чекаме детали во однос на цената и испораката. До крајот на неделата верувам дека сите овие информации ќе ги имаме. Мораме да работиме на сите полиња за да обезбедиме интегрален процес, без пауза од моментот кога ќе почне имунизацијата”, – изјави министерот за здравство Венко Филипче во интервју за емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат.

„Чекаме детали во однос на договорот, цената и испораката и верувам дека до крајот на оваа недела сите овие детали ќе ги имаме. Сега не би сакал да зборувам за рокови, меѓутоа, суштината е во тоа што очигледно е дека производителите кои први успеаја да излезат на пазарот, а тоа е „Фајзер“, на пример, имаат проблем со капацитетот. Повеќе европски земји најавуваат и тужби поради неисполнување на договорите, Хрватска го прекинува процесот на имунизација и тоа е нешто што не тера да работиме буквално на сите полиња за да обезбедиме интегрален процес, без пауза од моментот кога ќе почне имунизација, секако, со сите овие безбедни вакцини“, вели Филипче.

Најавата за можно набавување на вакцини од Кина доаѓа во услови на доцнење на испораката на вакцините на „Фајзер“ и на другите западни производители, за што некои држави членки на ЕУ најавија и судски спорови. Филипче вели дека се обидуваат да обезбедат количини од сите производители за кога ќе започне процесот на имунизација да нема пауза.