Филипче: Одобрени се 498 специјализации и 87 супспецијализации

Сподели

Младите лекари да не стравуваат затоа што имплементирањето на политиките коишто се однесуваат на нивниот стручен напредок ги правиме заедно со нив. Ова утрово го потенцираше министерот за здравство д-р Венко Филипче во утринското гостување во Утрински брифинг за Слободен Печат. Тој истакна дека Програмата за специјалистички и супспецијалистички кадри пред две недели беше усвоена на седницата на Владата на Република Северна Македонија. Вкупно 498 специјализации и 87 супспецијализации се одобрени и ќе бидат распишани наскоро, согласно барањата на јавно-здравствените установи. Станува збор за студенти од Медицинскиот Факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, но и од Универзитетот „Гоце Делчев” во Штип.

-Минатата година само, немаше рапишано конкурс за специјализации, поради ситуацијата со Ковид-19, сите одделенија беа ковид одделенија, менторите беа зафатени со третман на ковид пациенти. Младите лекари, што е нешто што треба да се потенцира, беа вклучени во третманот на овие пациенти. Програмата за специјализации веќе помина на седница на Владата, таа е усвоена. Таа е согласно барањата на јавно-здравствените установи, колку млади лекари има за да се пратат на специјализација. Вклучени се како Медицинскиот Факултет во Скопје со најголема бројка, така и Факултетот во Штип. 498 специјализации и 87 супспецијализации после ова поминување на програмата на Владата, што значи административната постапка е завршена, веќе ќе бидат распишани. – кажа Филипче.

Министерот Филипче посочи дека Министерството за здравство е постојано отворено за слушање и решавање на проблемите на младите лекари и дека сите процеси и политики се работат заедно со нив со тоа што на неделно ниво се сослушуваат и лекарите се присутни постојано во министерството. Тој го најави и форумот на студенти кој ќе биде одличен за споделување на знаењето и перспективите. Целосно се работи на тоа младите лекари да останат во нашата земја и да сфатат дека грижата за нив е на прво место, истакна Филипче. Со последните измени во здравствените политики, специјализантите добија парични средства за дежурства и здравствено осигурување, што е инвестиција плус за младите лекари и мотив да бидат сигурни дека секоја категорија од нив е опфатена со грижа, напредок и инвестиција.