Филипче: Се подготвуваат 16 мини инфективни одделенија во болниците за есенскиот период

Сподели

 

Министерот за здравство, Венко Филипче вчера соопшти дека два месеци здравствениот систем интензивно се подготвува за есенскиот период со зајакнување на постојните јавно-здравствени установи за третман на пациентите со коронавирус. Министерот најави дека 16 болници низ Северна Македонија ќе добијат мини-инфективни одделенија.

„Веќе е инсталирана модуларна болница до Инфективната клиника. Тоа е капацитет од 70 кревети. Со тоа сериозно се зголемува капацитетот на Инфективната клиника, која има 110 болнички кревети. Зголемување на бројот на болнички капацитети во сите 16 болници по овој модел. Со тоа, тие 16 болници би добиле вакви модуларни мини инфективни одделенија со цел самите болници, со сега посебните објекти, да останат целосно „чисти“ за да може нормалната патологија што се работи едноставно да не трпи – пациентите да можат да добијат здравствена услуга, да не се креираат листи на чекање. Исто така, ќе се инсталираат на апарати за дијагностика во сите овие центри за брза дијагноза на вирусот.

Сите врвни експерти во нашата држава се вклучени во лекувањето преку системот за консултација, па дури и физичко присуствуваа. И анестезиолозите по систем на ротација се присутни во одделенијата каде што се лекуваат пациентите од Ковид-19, кои се поставуваат на респираторна машина. Тоа се експерти со големо искуство во ракувањето со овие машини, затоа што тоа бара и одредено познавање на самата машина, но и во типот на лекување. Тоа лекување на пациент во интензивна нега на респираторна машина без разлика од која причина е медицина во мало. Тука се обединети знаења и искуства од многу специјалности“, потенцираше министерот Филипче.

Тој вчера соопшти и дека во следните недела до две ќе се знае дали од септември ќе почнат со работа градинките и училиштата. Веројатноста, како што рече, е голема, но да се усогласат сите протоколи.