Филмот „Живееме“ е заснован на истоимениот роман од 1936 година на познатaтa американскa филозофкa и писателкa со руско потекло, Ајн Ранд.
Станува збор за романтична воена драма, сместена во болшевичка Русија, по Октомвриската револуција. Кира Аргунова, храбра млада девојка од богато семејство која сака да стане инженер, отворено ги искажува своите антикомунистички ставови и им пркоси на новите власти. Таа го запознава младиот бегалец Лео Коваленски, кој се крие од тајната полиција. Двајцата се вљубуваат и заедно тргнуваат во жестока борба да преживеат под бездушниот, угнетувачки систем. Кога еден агент на советската тајна полиција, исто така, се вљубува во Кира, животите на сите тројца се испреплетуваат и се движат кон катастрофа.
Романот на Ајн Ранд е базиран на нејзините лични искуства во турбулентните години по Руската револуција. Номинално антикомунистичкиот, но де факто антиавторитарен филм, ЖИВЕЕМЕ е снимен во Италија за време на Втората светска војна. Меѓутоа, филмот е забранет од фашистичката влада на Мусолини и повлечен од кино репертоарите. Филмот беше изгубен и заборавен со децении, а потоа пронајден и обновен со учество на Ранд.
Ова не е само приказна за политиката туку и приказ за тоа што диктатурата – од кој било вид – им прави на луѓето.
20 ФЕВРУАРИ (ВТОРНИК) 20:00ч ЖИВЕЕМЕ (We the Living). Игран филм, Италија, 1942, 172 мин., колор, ДЦП
Режија: Гофредо Алесандрини (Goffredo Alessandrini)
Сценарио: Корадо Алваро, Орио Вергани, Антон Џулио Мајано, Гофредо Алесандрини, Оресте Бјанколи (Corrado Alvaro, Orio Vergani, Anton Giulio Majano, Goffredo Alessandrini, Oreste Biancoli)
Улоги: Алида Вали, Розано Брази, Фоско Џакети (Alida Valli, Rossano Brazzi, Fosco Giachetti)