ФИТД и УНИЦЕФ потпишаа Меморандум: Програмата UPSHIFT продолжува

Сподели

 

Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТД) и Детскиот фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ), денеска потпишаа нов Меморандум за соработка за продолжување на успешната приказна со програмата UPSHIFT до крајот на 2025 година. Двете организации се обврзуваат и понатаму да го поддржуваат младинското социјално претприемништво преку програмата UPSHIFT.

Програмата UPSHIFT им овозможува на младите на возраст од 13 до 19 години да дизајнираат иновативни решенија за социјални проблеми што ги идентификувале во нивната заедница. Во последните шест циклуси на програмата UPSHIFT, околу 300 млади луѓе учествуваа во програмата посветена на решенијата за климатските промени. Триесет решенија добија почетно финансирање и идеите беа спроведени во пракса.  Меѓу нив има иновативни решенија како што се систем за собирање и дистрибуција на дождовница и систем капка по капка за земјоделското средно училиште во Скопје.

Програмата има за цел да поттикне иновативно и креативно размислување кај младите луѓе, да ги разбере предизвиците со кои се соочуваат и да им помогне да дизајнираат иновативни решенија во форма на производ или услуга. Дополнително, на младите им се дава можност да развијат претприемачки вештини, како што се: управување со проекти, критичко размислување, тимска работа, успешна комуникација и да стекнат нови пријателства.

„Заедно со УНИЦЕФ делиме заедничка визија, а тоа е да ја поддржиме креативноста, иновативноста и подобрување на вештините на младите, на тој начин создавајќи просперитетна иднина на младите во нашата земја. Фондот во својата работа акцент става на поддршка на докажано најуспешните програми кои го поттикнуваат потенцијалот на младите под една сеопфатна национална програма „Фонд за млади умови”, со која им овозможуваме на младите да учествуваат на интелектуално стимулативни програми надвор од формалното образование, како „Предизвик за млади истражувачи”, „Junior Achievement” и други” изјави Фестим Халили, директор на Фонд за иновации и технолошки развој.

Во текот на следните три години, соработката и понатаму ќе биде насочена кон социјалните иновации за предизвиците во животната средина и климата. Ова е директен придонес кон спроведувањето на заложбите на ОН и ЕУ и Зелената агенда за Западен Балкан. Циклусите на програмата UPSHIFT ќе ги опфатат областите како што се климатските промени, енергијата, декарбонизацијата, обновувањето на екосистемите, одржливите системи за храна, циркуларната економија и други.

„Во текот на изминатите три години, програмата UPSHIFT беше катализатор за неверојатниот потенцијал на младите луѓе да ги идентификуваат и да се справат со еколошките предизвици во нивните заедници. Стотици млади луѓе создадоа навистина иновативни решенија, и подеднакво важно, тие беа препознаени како лидери за активностите што треба да ги преземеме за да ја ублажиме ранливоста на климатските промени.

„Среќни сме што заедно со ФИТР можеме да продолжиме да создаваме вакви можности за младите иноватори во земјата“, рече Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ.

Програмата UPSHIFT претставува комбинација од работилници за социјални иновации со менторство, материјали и почетно финансирање, градејќи ги  вештините на младите луѓе. Програмата започнува со локален повик за групи на деца од 13-19 години да дизајнираат иновативно решение за социјален проблем што го идентификувале во нивната заедница. Панел од претставници на приватниот и јавниот сектор ги избира најдобрите идеи, а тимовите се водени од ментор и учествуваат на работилница на која понатаму ги развиваат своите идеи. Програмата преку креираните решенија е од корист за младите, но и за пошироката заедница.