Рокот за аплицирање на јавниот повик за брзо прилагодување на ковид-19, продолжува до 3. јули, соопшти Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР).
Овој повик е наменет за брзо економско заздравување, за микро, мали и средни компании со потенцијал за успешно работење, а рокот се продолжува поради голем интерес и над 2.000 симнати апликациски пакети, на барање на домашните компании, но и поради зголемен прилив на апликации на последниот ден за аплицирање поради што настануваат и технички проблеми, наведува Фондот.
Иницијалниот буџет на јавниот повикот е 200 милиони денари. Финансиската поддршка е структурирана по големина на компанијата и тоа до 750.000 илјади денари за микро, 1,5 милиони денари за мали и до три милиони денари за компании со средна големина и не може да надмине 70% од вкупниот буџет на инвестицијата. Останатите 30 отсто се средства кои ги обезбедуваат самите компании.
Средствата може да се наменат за инвестиции во дигитализација и ИТ системи, реорганизација на работата, унапредување на производите и услугите, набавка на опрема, како и заштитни мерки за работниците. Со мерката се опфатени компании што во последните две години од работењето немаат регистрирано загуба, освен старт-ап компании до три години постоење, кои се изземени од овој услов. Оваа развојна мерка е подготвена во соработка со Светската банка.
Новина во повикот се и критериумите за оценување, во делот на поттикнување на учество на компании со жени во управувачката односно сопственичката структура. Исто така, посебен систем за бодување е предвиден за компании што доаѓаат од помалку развиените региони, кои ќе имаат и предност при селекцијата.