ФООМ обезбеди 1.260 хуманитарни пакети за загрозени ромски семејства

Сподели

 

„Фондацијата Отворено општество – Македонија“ (ФООМ) обезбеди дополнителни 1.260 хуманитарни пакети за загрозените ромски семејства кои се социјално и економски најдиректно засегнати од пандемијата со корона вирусот, а кои не беа опфатени со првата дистрибуција на хуманитарна помош.

„Во соработка со Црвениот Крст, хуманитарните пакети ќе се дистрибуираат и ќе стигнат до домовите на над 5.000 граѓани од ромската заедница во 9 градови: Берово, Радовиш, Струмица, Кавадарци, Неготино, Кичево, Кочани, Штип и Велес“, соопштија од ФООМ.

Додаваат дека за непречено одвивање на активноста, Црвениот крст на терен ќе соработува со претставници на ромски организации кои се дел од РОМАКТЕД програмата како и со Кризниот штаб на општина Берово.

-„Фондацијата Отворено општество – Македонија“ будно го следи развојот на настаните врзани со здравствената криза и борбата со Ковид–19 и понатаму активно ќе се обезбедува помош и поддршка пред се за маргинализираните граѓани, чија заштита е највисок приоритет. Поддршката и учеството на ромската заедница во подобрувањето на условите за пристап до образование, здравствени и правни услуги, но и промената на перцепциите, ставовите и однесувањата кон Ромите останува наш фокус и понатаму“, се вели во соопштението на ФООМ.

meta.mk