Франција: Најмалку 8 повредени во оружен напад пред џамија во Авињон

Сподели

Најмалку осум лица се повредени во оружен напад пред џамија во францускиот Авињон, јавува Anadolu Agency (AA).

Двајца напаѓачи синоќа, околу 22:30 часот, пред џамијата во квартот Ле гранж Д’оре во Авињон, во јужниот дел на Франција, отворија оган врз верници во времето кога тие излегуваа од џамијата по вечерната молитва.

Маскираните напаѓачи пред џамијата повредија четири лица, а потоа пукаа и на станбен објект во близина, при што беа повредени уште четири лица, пренесува францускиот весник „La Provence“ (Ла Прованс).

Полицијата покрена широка истрага со цел да ги пронајде и да ги уапси напаѓачите, а мотивот за нападот ќе се утврдува во текот на самата истрага.

Три дена претходно, во близина на Париз, терорист се обиде со возило да влезе во простор пред една џамија, каде што стоеја верници што го напуштаа објектот.