Еден од најистакнатите лидери на баскиската сепаратистичка организација ЕТА, Микел Ирасторса е уапсен денеска во југозападниот дел на Франција, соопштија шпанските власти.
Ирасторса е пронајден во својот дом во францускиот град Аскен, во пиринејскиот регион на границата со Шпанија, се наведува во соопштението на шпанското Министерство за внатрешни работи.
Рацијата, која ја извршиле француските безбедносни сили во соработка со шпанската цивилна гарда, била насочена кон „лидерската структура на ЕТА“.
Шпанското МВР наведува дека операцијата продолжила и би можеле да следат и дополнителни апсења.
ЕТА повеќе децении водеше насилна кампања за независност на Баскија, во северниот дел на Шпанија и југозападна Франција, а оваа организација се товари за смртта на повеќе од 800 лица. Само уште околу 20 членови на ЕТА се уште се наоѓаат на слобода.