Фуере: СЈО има мали шанси без специјален судски оддел

Сподели

8A0100294B434685BF50C6B9B2AA0DD7

Во својата колумна за БИРН, поранешниот амбасадор на ЕУ во Македонија Ерван Фуере истакнува дека „постојаната практика на ограничување на преговорите на главните партии, кон исклучување на другите актери во општеството, ќе продолжи да го вкопува дискредитираното политичко водство“.

Според Фуере, позитивен елемент на новиот договор е тоа нема датум за избори и што „става фокус на неопходните реформи за слободни и фер избори, едно од клучните барања поставени од граѓанското општество“. Фуере изразува жалење што граѓанското општество речиси и да не било вклучено пред договорот од 20 јули, кој одвај го спомнува граѓанското општество.

Во однос на медиумските реформи, Фуере смета дека договорот повторно ги зајакнува партиските влијанија во застрашувачката медиумска средина каде што професионалните новинари се борат не само да се чуе нивниот глас, туку и за преживување.

Фуере потсетува на неодамнешните извештаи за притисоци и заплашувања врз јавните службеници и бизнисмените, прашувајќи кои се гаранциите дека истата тактика нема да биде применета од владејачката партија: „Владејачката партија има армија даночни инспектори, која без сомнение ќе ја впрегне за застрашување на бизнис интересите, како што правеше на претходните избори.“ Според Фуере, потребни се цврсти механизми за да се спречи повторувањето на практиките на застрашување.

Во однос на СЈО, кое го смета за „единствената надеж за враќање на владеењето на правото во земјата“, Фуере смета дека договорот не нуди доволна сигурност дека СЈО нема да биде и понатаму попречувано и подривано, независно од одлуката на Уставниот суд: „Неуспехот да се воспостави специјален оддел во Кривичниот суд, кој ќе пресудува за сите случаи претставени од специјалната обвинителка, значи дека нејзините истраги имаат мали шанси за соодветен процес, со судскиот систем кој останува цврсто приграбен од владејачката партија“.

Според Фуере, агонијата на Македонија е далеку од завршена, а враќањето кон владеењето на правото е пак избегнато.