Британската амбасада во Скопје преку социјалната мрежа „Фејсбук“ почна кампања насловена „Македонија 2027“, преку која сака да слушне од граѓаните каде ја гледаат земјата за десет години, што би сакале земјата да постигне.
Свој поглед на иднината на Македонија, прв даде британскиот амбасадор, Чарлс Гарет, кој предвидувањата ги претстави преку личниот дневник, напишан „на 26 август 2027 година“.
Гарет, таму предвидува дека во 2027 година, Македонија:
- ќе има жена премиер;
- ќе биде една од економски најперспективните земји во регионот;
- ќе биде земја со најиновативен економски развој на кој многумина ќе завидуваат;
- ќе биде еден од водечките фактори за стабилност;
- судскиот систем ќе биде целосно независен;
- ќе се почитува владеењето на правото;
- во 2020 година ќе го реши спорот за името со Грција;
- ќе стане дел од Европската Унија и од НАТО.
„Ова не се научни анализи или предвидувања. Сепак, претставува важна дебата. Кажете ни ги вашите мисли! #Macedonia2027“, стои во објавата на амбасадата на „Фејсбук“.
„Неверојатниот напредок во последните десет години доаѓа од посветеноста и од обврските што ги презеде владата која победи на изборите во декември 2016 година. Тие избори, според политичките лидери, беа првиот чекор за излез од кризата. Новата влада ја зграби можноста со својот визионерски план, насловен „Македонија: Национална стратегија за сите наши граѓани“, стои во записот на Гарет од иднината.