„ВМРО-ДПМНЕ денес е во многу критична и тешка состојба. Колку и партијата однадвор да изгледа монолитна, може да ѝ се случи таква експлозија, по што од неа ништо нема да остане. Ќе навлезе во тотално распаѓање. Балканот е полн со такви примери. Партијата тешко ќе се извлече од таквата ситуација, ако не промени нешто“, вели поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Љубчо Георгиевск, во интервју за порталот „Призма“, а по повод 26. роденден на партијата на 17 јуни.
Тој вели дека четврт век е доволен период која било партија да претрпи сопствена еволуција, реформа, па дури и ревизија на почетниот концепт и дека некои промени треба да се прифатат во „рамките на нормалното“.
„Но, за жал, ако треба да зборувам за идеологија, тешко е да ја препознаам идејата од пред 25 години, а камоли во контекст на историското ВМРО. Има толку многу разлика, што можам да кажам дека освен што остана името, направен е комплетен ревизионистички пристап на сѐ што значи идеја на ВМРО“, вели Георгиевски.
Позицијата на меѓународната заедница во врска со разрешувањето на политичката криза, Георгиевски вели дека е „чудна“.
„Ако од меѓународната заедница сметаат дека тежината на ‘бомбите’ е толку тешка, тогаш можеа во првиот месец на клучните луѓе од власта да им дадат јасна порака дека треба да заминат. Спротивно од тоа, тие направија преговарачки формат што по дефиниција е спасоносно решение за ВМРО-ДПМНЕ. Од друга страна, според мои информации, дел од највисокото раководство на ВМРО-ДПМНЕ кај високи дипломати на европски земји дури и отворено го поставиле прашањето дали треба да заминат, но не добиле никаков одговор. Секако, оставам резерва дека можеби ова е само партиски спин“, вели Георгиевски.
Во врска со Специјалното јавно обвинителство, Герогиевски вели дека „СЈО може да покрене многу обвинителни акти, но во најмала рака, тие ќе завршат со ослободителни пресуди, бидејќи судот покажува неверојатна кооперативност со власта“.
За потребата од формирање од независно судско одделение што ќе ги процесуира предметите СЈО, тој вели дека таков нешто не е можно, од едноставна причина што „власта нема да го дозволи тоа“.
Во пакетот решенија за излез од кризата, тој смета дека треба да се вкалкулира и решение на спорот за името, кое треба да го постигне преодна или коалициска влада, со консензус и со добиен мандат за решавање на тоа прашање.
За сликите нарачани од актуелното раководство на партијата за новото седиште на партијата, од кои на една, според тоа што досега е во медиумите, е насликан и тој, Георгиевски вели дека на толку многу слики, на некоја морало да се појави и тој.
„Претпоставувам дека е така, бидејќи не ме сметаат за непријател кој може да ги загрози. Повеќе ме гледаат како ‘историја’, отколку како реална закана“, вели Георгиевски.
Георгиевски: Ако ВМРО-ДПМНЕ не се реформира, може да експлодира