Продлабочување на соработката и заеднички проекти, беа главни теми на средбата на градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски и амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Н.Е. Кејт Мари Брнз.
Градоначалникот Герасимовски на амбасадорката Брнз ѝ ги претстави своите програмски заложби и планови, меѓу кои и заложбите за чист, зелен и еколошки Центар и отворена и транспрентна општина.
„Сакам да ѝ се заблагодарам за посетата на амбасадорката Брнз. Навистина ми е чест да бидам домаќин на амбасадорката Брнз, која е дипломатска претставничка на најголемиот пријател и поддржувач на нашата држава на меѓународен план. Со амбасадорката разговаравме за актуелните теми, како на глобално, така и на локално ниво. Имав шанса на амбасадорката лично да ѝ ги претставам нашите проекти и планови со кои ќе го подобриме животот на граѓаните во Општина Центар“, изјави Герасимовски по средбата со Брнз.
Герасимовски изјави дека ова е чекор напред кон продлабочување и подобрување на соработката на Општина Центар со Амбасадата на САД во РСМ, особено во делот на екологијата и темите кои се од локален интерес за жителите на општината.
На состанокот, градоначалникот Герасимовски и амбасадорката Брнз разговараа и за политичките случувања во светот. Герасимовски во името на граѓаните на Општина Центар изрази силна поддршка до граѓаните на Украина, кои минуваат низ можеби најтешкиот период во нивните животи.