Германија од 2021 година почнува да ги гаси термоелектраните на јаглен

Сподели

 

Германија ќе им исплати на енергетските концерни 317 милиони евра за гаснење на термоелектраните кои го користат јагленот како гориво, објави во вторникот Сојузната агенција за мрежна инфраструктура, најавувајќи значаен исчекор кон затворање на постројките на јаглен и преминување кон чистите извори на енергија.

Како што пренесува деловниот портал SEEbiz.eu, според планот кој го објави оваа Агенција, енергетски компании со вкупно 11 блокови во термоелектрани каде се користи јагленот како гориво, примиле 317 милиони евра како обесштетување.

Сите 11 блокови ќе се изгаснат на почетокот на наредната година. Меѓу корисниците на оваа премија е и најголемата германска енергетска компанија „РВЕ“, која на почетокот на 2021 ќе затвори два блока, како и шведската компанија „Ватенфал“ која во Хамбург ќе затвори една термоелектрана. Висината на премијата што ќе ја добие некоја компанија за затворање на блоковите што работат на јаглен, ќе зависи од количеството на електрична енергија што ја произведувал еден блок.

Станува збор за почеток на процес, во чие времетраење до 2038 година, треба да бидат згаснати сите германски електрани кои го користат јагленот.

мета.мк