Германците на протест – револтирани од растот на кириите

Сподели

Илјадници граѓани од Германија вчера протестираа низ улиците на Берлин револтирани од растот на кириите за станови и побараа државата да ги преземе имотите од компаниите кои поседуваат преку 3.000 станови.

Освен во Берлин протести се одржаа и низ другите поголеми градови како Келн, Франкфурт и Минхен.

Кириите во германскиот главен град се дуплирани последниве 20 години, а цените драстично се зголемиле и во другите градови низ земјата. Револтот на граѓаните е насочен и кон приватните лица кои поседуваат огромен имот во своја сопственост.

За ова прашање минатава недела се покрена иницијатива за одржување национален референдум. Организаторите од иницијативата „Експропријација Дојч Вохен и Ко“, наречени по најголемата приватна фирма за станбен простор во Берлин, повикуваат на национализација на имотите на инвеститорите кои се сопственици на голем број станови и нивно претворање во социјални домови.

Од вкупно два милиони станови кои се издаваат под кирија во градот, Дојч Вохен поседува вкупно 111.500 станови, што претставува скоро 7 проценти. По неа следува компанијата Воновиа со 44.000 станови кои ги издава под кирија.

Просечната цена за кирија во централниот Берлин изнесува 840 евра месечно. Иако кириите во Берлин се пониски од останатите европски главни градови, како Лондон и Париз, иницијативата предупредува на „класна борба“ која се случува во Германија.

„Многумина велат дека ова е класна борба. Да, токму тоа е во прашање. Но, ние не ја започнавме. Сакаме да преземеме одбранбени мерки против овие класни разлики. Сакаме да испратиме сигнал во која насока сакаме да оди градот. И сигнал до шпекулантите – дека нивниот капитал не е сигурен во Берлин“, изјавила гласноговорничката на иницијативата Роузбех Тахери за германските медиуми, пренесе Еуроњуз.

Според последните статистички податоци 48 проценти од Германците живеат под кирија, додека 52% поседуваат дом. Најголемиот дел од луѓето под кирија живеат во станови.

radiomof.mk