Глобална недела на претприемништвото: Силната соработка во претприемачкиот екосистем носи големи успеси

Сподели

 

Оваа недела, од 14-ти до 20-ти ноември, Стартап Македонија заедно со 60 партнери организира повеќе од 45 настани за поттикнување на претприемачко образование, инклузија, креирање јавни политики во екосистемот како и градење и унапредување партнерства. Со овие настани, домашниот екосистем се вклучува во Глобалната недела на претприемништвото која оваа година го прославува својот 15-годишен јубилеј. Партнерите на Глобалната недела се претставници на приватниот, граѓанскиот и академскиот сектор.

 

 

За Координаторката на Глобалната недела на претприемништвото, г-ѓа Симона Чаминска, оваа иницијатива претставува можност за позиционирање на македонскиот екосистем во глобални рамки.

Претставникот од Канцеларијата на УСАИД во Северна Македонија, г. Дерек Фефер, нагласи, „УСАИД поддржува програми кои го зголемуваат позитивниот придонес на младите во општеството. Го поттикнуваме нивното колективно лидерство преку создавање партнерства кои поддржуваат економски можности привлечни за младите; зајакнување на нивните компетенции за работа, прогресивни кариери и граѓански живот. Младите не се само нашата иднина, туку и нашата сегашност.“

 

 

Заменик Амбасадорот од Амбасадата на Швајцарија во Република Северна Македонија, г. Лусиен Егертер, истакна, „Поддршката на младите мажи и жени претприемачи, како и градење функционални мрежи во кои тие ќе може да разменуваат идеи и искуства се докажаа како главните двигатели за силна и отпорна економија. Ова всушност е и целта кон која Швајцарија заедно со Владата, приватниот сектор и другите развојни партнери, го поддржуваат стартап екосистемот во Северна Македонија уште од 2015-та година.“

Лидерот на проектот ЕУ за економски развој на Федералното министерство за економски прашања и климатска акција од Германско друштво за меѓународна соработка, г. Марк Берет, се осврна на важноста на ваквите иницијативи за екосистемот и посочи на важноста од развивањето на т.н. зелени технологии кои во денешни услови стануваат се поважни за бизнисите.

 

 

Претседателот на Стартап Македонија, г. Игор Маџов, ја истакна релевантноста на добро поврзаниот екосистем и силната соработка меѓу сите засегнати страни за постигнување на голем успех.

Веќе сме на половина од оваа посебна недела каде преку настани и активности низ целата држава се обработуваат теми од областа на претприемништвото во насока на отворање актуелни теми и дискутирање за потенцијални решенија. Погледнете ја целосната агенда на настани на овој линк.