Го слуша ли некој крикот на пензионерите? – Соња Крамарска

Сподели

 

Речиси 75 отсто од пензионерите во Македонија живеат во сиромаштија или се на работ на сиромаштија. Од тоа како се третирани пензионерите може да се дознае многу за државата и нејзиниот систем, пишува Соња Крамарска за Республика.

„Ова е историско и рекордно зголемување – пензионерите со просечна пензија која во моментот е 16.300 денари со воведувањето на новата методологија од септември па натаму, секој месец ќе имаат просечно по 900 денари плус на својата сметка“.

Соња Крамарска

Ова е изјава на премиерот Димитар Ковачевски од 7 март 2022 година. Тој во истата изјава со истиот жар дополни и дека согласно проекциите на крајот на 2022 година се очекува зголемување на просечната месечна пензија на околу 17.300 денари, споредено со крајот на 2021 година, кога во просек пензијата била 15.876 денари. „Ова се случува во година кога имавме и едно од најголемите зголемувања на пензиите досега. Со последното усогласување од 2,9 проценти, во јануари годинава пензионерите имаа зголемување од најмалку 460 денари, што значи дека оваа Влада докажа дека постојано и во континуитет се грижи за сите пензионери“, им рече тој.

Меѓутоа овој „рекорд“ не траеше долго бидејќи по само една година дојде вистинскиот рекорд. Платите на сите избрани и именувани функционери скокнаа за 78 проценти, оставајќи ги далеку зад себе пензиите на оние кои со својот труд им овозможија на функционерите да имаат држава на која ќе ѝ служат, а судејќи според астрономските плати и државата ќе им служи ним.

Пензиите во секоја држава се во расчекор со платите. Но додека во повеќето земји се води сметка пензионерите да имаат барем достоинствен живот, во Македонија тоа не е случај. Податоците се поразителни: во април 2023 година просечната пензија во државата изнесуваше 19.052 денари. Во септември ќе има покачување од 6 отсто кое пресметано во пари изнесува меѓу 588 и 1.620 денари.

Треба ли овие разочарувачки суми да ги споредиме со платата на премиерот која со зголемувањето од 78 отсто изнесува 156 илјади денари или на претседателот на државата кој добива плата од 164 илјади денари, министрите меѓу 125 илјади и 153 илјади денари? И што нивните плати беа зголемени за 78 отсто а на пензионерите им нудат мизерни 6 отсто па уште и тоа го нарекуваат рекордно зголемување на пензиите?

Живот во сиромаштија

Пензионерската голгота е долга приказна во Македонија. Стара е исто колку и државата. Според официјалните податоци од Министерството за труд и социјална политика во државата има 333 882 пензионери. Од нив 94 117 во април земале пензија до износ од 13.300 денари, речиси исто толку зеле над 22.000 денари, 78 627 пензионери примиле пензија меѓу 16.000 и 22.000 денари а 67 013 пензионери добиле пензија во износ од 13.300 до 16.000 денари. Највисоката пензија во државата изнесува околу 70.000 денари и неа ја добиваат само 74 пензионери.

Само 1526 пензионери примаат пензија во висина од 48.000 до 70.000 денари. Тоа значи дека половина од пензионерите живеат во сиромаштија со пензии кои не надминуваат 16 илјади денари а вистински „среќници“ се оние 78 627 пензионери кои добиваат над 16.000 денари и оние со над 22.000 денари.

Некому можеби ќе му изгледа тенденциозна споредбата меѓу пензиите и функционерските плати но нејзиното истакнување е важно бидејќи меѓу функционерите кои добија фантастично зголемување на платите од 78 отсто, се и оние кои ги носат одлуките и кои директно влијаат врз животниот стандард на пензионерите. Притоа нема да биде претерано ако кажеме дека животниот стандард во таканаречената трета доба има големо влијание и врз нивниот животен век.

Економскиот статус на пензионерите е тема во многу земји, бидејќи и таму пензионирањето значи драстично намалување на примањата. Во екот на превирањата во Франција околу предлогот на претседателот Макрон за зголемување на возрасната граница за пензионирање од 62 на 64 години, парламентарната група на крајната левица реагираше дека тоа ќе доведе до натамошно зголемување на сиромаштијата на пензионерите. Еурактив објави податоци на Еуростат за 2021 година за тоа колкав процент од населението на земјите од ЕУ на над 65 години возраст може да осиромаши.

Извор: freepik.com

Најцрна прогноза имаше за Латвија, Естонија, Литванија, Бугарија и Хрватска каде се проценува дека меѓу 33 и 45 отсто од пензионерите во овие земји се под ризик да живеат во сиромаштија. Под ризик но нешто помал се и Романија, Германија, Шпанија, Португалија, Полска и Словенија каде се проценува дека меѓу 17 и 20 отсто од пензионерите ќе живеат во сиромаштија. Кога Македонија би се нашла на таа табела, резултатот со оглед на горните бројки би бил дека 75 проценти од пензионерите се сиромашни или се движат по линијата на сиромаштијата.

Оваа споредба најсликовито ја прикажува економската состојба на пензионерите во Македонија и може да даде одговор на прашањето – дали нивниот револт кој е актуелен деновиве е оправдан. Но, вџашувачки е да се гледа како ги обвинуваат за политички мотиви што е во најмала рака непристојно ако се знае колку се маргинализирани од страна на државата.

Пет проблеми при пензионирањето

Познато е дека самиот чин на пензионирање и премин од активен работник во пензионер носи голем стрес за луѓето. Финансиската несигурност, здравствените проблеми и социјалната изолација се најчестите придружници на пензионерите, што ги прави ранлива категорија во секоја смисла. Осврнувајќи се на оваа се’ поприсутна тема во светот, магазинот Форбс вели дека луѓето се соочуваат со пет големи проблеми при пензионирањето.

Едниот е како да ги организираат своите финансии бидејќи пензиите се значително пониски од платите, другиот е преминот кон нов животен стил, третиот проблем е инфлацијата или падот на вредноста на пензиите, четвртиот е финансиската несигурност и петтиот и можеби најтежок проблем е губењето на целта во животот и паѓање во досада и летаргија.

Секој од овие пет проблеми е доволна причина и оваа и секоја идна влада во Македонија да ја зголеми грижата за пензионерите и да го намали оној фатален процент (75) на пензионери кои живеат во сиромаштија или се на раб на сиромаштија. Во крајна линија 330 000 пензионери се исто така важна алка во политичките процеси и како квантум за излезност на гласачи и како гласови на избори поради што секој премиер или лидер на партија сака да ги има на своја страна. Тие се невидлива политичка сила.

Сегашната Влада предводена од централно-левичарската СДСМ ги има сите предуслови да биде партнер на пензионерите поради социјалдемократската филозофија да им помага на послабите. Но се чини дека тоа овојпат не е случај бидејќи најголемата социјална поделба во општеството ја направија токму социјалдемократите преку 78-процентното зголемување на функционерските плати со што го продлабочија економскиот јаз до невидени размери.

Тоа директно продуцираше социјални немири кои во следните месеци ќе се интензивираат. Незадоволството на пензионерите е дел од тој амбиент и обидите да им се закачат партиски етикети се само уште еден удар врз најкревката популација во државата.

Цивилизациски маркер

Односот кон пензионерите е и цивилизациски маркер за едно општество. Од тоа како се третирани пензионерите може да се дознае многу за државата, нејзиниот систем, социјалната култура и вредностите на кои се учат младите генерации. За жал Македонија како и целиот Балкан на пензионерите гледаат како на проблем – луѓе кои се движат бавно во пешачките зони и им пречат на оние што брзаат, луѓе кои непотребно заземаат место во градскиот превоз или луѓе кои ги полнат чекалните во болниците создавајќи гужва и узурпирајќи им го местото на помладите.

И ова не е генерализација туку модел на едно однесување кое често го среќаваме на улиците и воопшто во јавниот простор без да бидеме свесни дека им нанесуваме неправда и вршиме најтежок вид дискриминација врз основа на возраст. Фактот што Македонија е држава која направи премин од едно општествено уредување во друго, го изостри уште повеќе ова прашање бидејќи во транзицијата исчезнаа или изгубија на приоритет многу социјални норми кои се однесуваа на пензионерите.

Отворањето на пензионерски клубови повторно зема замав, што е добро за да можат нашите сограѓани да излезат од дома и да се дружат без социјалните бариери кои им ги наметнува општеството со својата себичност, но државата треба да се погрижи и да го одржи нивниот економскиот стандард за да може да ги користат тие клубови.

Крикот на пензионерите треба да биде потсетник за сите дека времето е минливо и дека какви вредности ќе вградиме во заедницата кон оваа категорија сограѓани, такви вредности ќе бидат применети и врз сите оние кои ќе бидат идни пензионери. Велат дека човек не жали по ништо друго како што жали по изгубеното достоинство.

Финансиската несигурност на пензионерска возраст, од една страна, и незаинтересираноста на државата да вложува во стандардот на пензионерите од друга страна, е најлош пример на суровост на едно човечко суштество кон друго.

Отсуството на солидарност е прв чекор кон дехуманизација на една заедница. Крајно време е политиката да им го даде заслуженото место на пензионерите во општеството.