Годишно обраќање на претседателот Ѓорге Иванов во Собранието

Сподели

Претседателот Иванов денеска имаше годишно обраќање пред пратениците во Собранието. Тој во својот говор како вовед посочи:

Ќе почнам од крајот, а тоа е Преспанската спогодба. Од почетокот на независноста, Грција ни го попречи правото на самоопределување, ни го одзеде правото на просперитет, а сега, 27 години подоцна, ни го доведува во прашање и правото на постоење. Трагедијата е што тоа го прави благодарение на Спогодбата од Преспа. Донесена со изговор дека треба да стави крај на спорот за името со Грција и да го отвори патот за членство во Европската Унија и НАТО, оваа спогодба всушност и става крај на Република Македонија каква што ја знаеме. Спогодбата повредува одредба од внатрешното право од фундаментално значење. Текстот на таа Преспанска спогодба е изготвен без национален консензус, без мое знаење и без моја согласност како Претседател на Република Македонија.

Но, едно нешто беше исправено на патот. А тоа е фундаменталното право на народот на самоопределување. Во една република, единствено народот има право да управува сам со себе и да одлучува за својот живот, да го избира своето име и името на државата што ја создал, јазикот што го зборува, културата што ја гради. Затоа, оваа Влада и ова парламентарно мнозинство побара од народот сам да се согласи на таа промена за да може правното укинување на македонскиот народ да се протолкува како негова сопствена волја.

На 30 септември се одржа и референдумот на кои македонските граѓани требаше да се произнесат за Преспанската спогодба. На тој референдум народот се соочи со лажна алтернатива. Избор меѓу просперитет и идентитет, небаре постои такво нешто како просперитет без идентитет.

За време на референдумската кампања Владата тврдеше дека со Преспанската спогодба е признат македонскиот народ, дека е заштитен македонскиот јазик, дека се јакне македонскиот идентитет.

Официјална Атина ги демантираше сите изјави на нашата Влада. Грчкиот премиер Ципрас во повеќе наврати истакна дека Спогодбата не признава македонски народ и македонски идентитет. Неодамна грчкиот претседател Павлопулос потврди дека нема да прифати своеволно толкување на спогодбата.

Од сите прашања, ќе се осврнам на македонскиот јазик. Се тврди дека со Преспанската спогодба македонскиот јазик е конечно заштитен. Со што е заштитен? Како оваа власт може да каже дека се изборила за неотуѓиво право? За македонскиот јазик се избориле оние кои имале храброст да го зборуваат тогаш кога бил забранет, да го кодифицираат тогаш кога бил негиран, да го промовираат тогаш кога бил игнориран. Тие го заштитија македонскиот јазик, а оваа власт само го сведе на монета за поткусурување. Актуелната власт почна да се пазари со оние кои претендираат да го држат клучот на нашето минато и кои го оспоруваат нашето историско право на постоење и самоопределување. Наместо заштитен, македонскиот јазик е изложен на нападите на оспорувачите кои, обидувајќи се да го избришат или преименуваат, вршат опресија врз македонскиот идентитет.

Ризикот беше огромен. Референдумот на 30 септември можеше да ја доведе Република Македонија во состојба на потчинетост и зависност спрема друга држава.

Во вакви нездрави услови проработе имунитетот на македонското општество против наметнатото решение. Референдумот беше неуспешен. Со недоволната излезност на референдумот, народот се изјасни против избрзани, наметнати и штетни решенија донесени без претходно постигнат национален консензус. На 30 септември, со негласање, тивкото мнозинство донесе гласна одлука. Одлука дека никој нема мандат од народот да го менува Уставот заради промена на уставното име ниту право да тргува со идентитетот.

Најголемиот успех на оваа Влада е што ја убеди меѓународната заедница дека референдумот ќе биде успешен и дека народот ќе ја поддржи Спогодбата од Преспа. Но, на крајот од денот, и претставниците на меѓународната заедница се соочија со фактот дека народот ја отфрли Спогодбата. Веднаш потоа, Владата започна да бара изговори и виновници за неуспехот.

Мојата порака е да не се бараат изговори. Причината за неуспехот на референдумот е едноставна. Народот препозна дека е уценет и ја отфрли уцената.

Од судбината на државата зависи и судбината на народот. Но, и од политичката зрелост на народот зависи судбината на државата. Со бојкот на референдумот, народот го одбрани своето право на постоење и го зачува стекнатото право на самоопределување. И уверен сум дека еден ден ќе дојде генерација политичари која ќе го задржи она што сега некој е подготвен толку лесно да го изгуби.

Во секоја функционална демократија пропаднатиот референдум ќе значеше и крај на процесот. Волјата на народот изразена на референдум е патоказ. Но, за жал, тоа не беше случај кај нас.

Со слободното толкување на Договорот со Бугарија, вели тој, Македонија е втурната во лавиринт од кој тешко се излегува и дека Бугарија сега најавува анекс на Договорот.

И конечно, Тиранската платформа. Независно што некои го одрекуваат постоењето на Тиранската платформа, сепак, делата гласно зборуваат за целите и намерите.

Законот за употреба на јазиците, на начинот на кој што е напишан, но и изгласан, ќе предизвика целосна блокада на работата на институциите. Доколку противуставниот закон за употреба на јазиците стапи на сила, тогаш Македонскиот веќе нема да биде lingua franca што ќе го обединува македонското општество.

На 27. април политичкото насилство доведе и до физичко насилство. Насилство најостро осудувам. Но, кога веќе зборувам за уцената на пратениците и широкоградо понудената амнестија, сакам да поставам едно прашање.

 Вашата цел е обезбедување уставна поддршка преку уценувања. Јас ги дадов помилување за да се спречи хаос. Овој закон го потпишав за да ги разоткријам вашите вистински цели и намери. Овој закон за амнестија нека биде сведоштво за двојните стандарди. Го девалвирате и простувањето и помирувањето. Тоа ќе настане кога сите ќе побараме прочка од оние на кои што сме им згрешиле и ќе побараме прошка, а тоа оди рака под рака со одговорноста. Мене никој не може да ме уцени, не ми најдовте криминал, затоа го уништувате мојот углед со лаги и манипулации, а имав и закани по животот. Ме навредуваа и омаловажуваа – вели Иванов.

Иванов неколку пати го прекина својот говор поради дофрлањето од страна на пратениците на владејачкото мнозинство, кои ги искара да слушаат кога им се обраќа претседателот.

– Потиснете ги вашите лични фрустрации, јас ве слушам цела година, слушнете ме вие сега. Ве молам слушајте, претседател на држава ви се обраќа – повтори Иванов