Додека топлотниот бран во Европа се движи кон исток, шумските пожари принудија десетици илјади луѓе да ги напуштат своите домови, покривајќи делови од Италија, Грција и Франција во чад. Германија го забележа најтоплиот ден во годината, откако температурите достигнаа 40,3 степени целзиусови, а високи температури има и во Унгарија и Италија. Европскиот информативен систем за шумски пожари стави 19 европски земји на предупредување за „екстремна опасност“ за шумски пожари.
Пожари беснеат на повеќе локации во Грција. Грчките власти соопштија дека шумскиот пожар кој избувна во планините близу Атина, кој принуди стотици луѓе да избегаат и кој оштети голем имот, е ставен под контрола, но се борат со новите пожари во, како што го нарекоа, едно од најтешките медитерански лета.
„Вчерашниот пожар во областа Пентели ги имаше сите карактеристики на ситуација која беше многу тешко да се управува“, рече министерот за цивилна заштита Христос Стилијанидес.
Како што информира Јанис Артопиос, портпаролот на Противпожарната служба, околу 485 пожарникари, 120 противпожарни возила и речиси 20 авиони се распоредени на терен за да ја стават ситуацијата под контрола.
Би-Би-Си објави дека повеќе од 1.000 смртни случаи се поврзани со екстремно високите температури во Португалија, а во Шпанија оваа бројка изнесува најмалку 500.
Властите во Словенија во средата евакуираа четири села во западниот дел на земјата, блиску до границата со Италија, бидејќи беснее шумски пожар предизвикан од големата суша и топлотниот бран што ја зафати Европа во последните денови. Противпожарните бригади гасат пожари и во Италија, а причината се високите температури. Во Тоскана пожарите принудија стотици луѓе да се евакуираат, oбјави Ројтерс./Мета.мк