„Горчлив шеќер“ – Мултимедијален проект на Ѓорѓе Јовановиќ

Сподели

 

На 13 септември, во 20 часот во Музејот на современетата уметност – Скопје ќе биде отворена изложбата „Горчлив шеќер“ (Bitter Sugar) на македонскиот уметник Ѓорѓе Јовановиќ.
Куратори на овој мултимедијен проект се Владимир Јанчевски и Благоја Варошанец.
 
Проектот „Горчлив шеќер“ (Bitter Sugar) е насловот на најновиот комплексен мултимедијален проект на македонскиот уметник Ѓорѓе Јовановиќ.
Проектот е составен од два дела, просторна инсталација и анимирани куклени претстави, осмислени како фрагменти од актуелната стварност и современиот живот, кои во себе содржат знаци, состојби и ситуации, кои истовремено функционираат во преиспитувањето на локалниот контекст, но овозможуваат и исчитување на влијанијата и меѓузависноста во глобалните текови.
 
Замислен како „тотално уметничко дело“, овој проект преку богат иконографски фундус и комплексна мрежа од релации, и комбинирање на неколку уметнички дисциплини (визуелна уметност и експериментален филм, анимации и музика) се фокусира на продлабочувањето на врските помеѓу овие уметнички форми, како и истражувањето на можностите за создавање нови уметнички содржини. Јовановиќ преку овој проект прави интегрирање на целокупната негова творечка практика која опфаќа најразновидни изразни форми и медиуми од цртеж и инсталација, до перформативност и интерактивност.
 
Проектот претставува синтеза и надоградување на искуствата на историската авангарда, особено на дадаистичките и надреалистичките интервенции, во обид да ги трансформира и употреби во современиот контекст, обременет со предизвиците на (пост)пандемиска политичка и технолошка реалност. Преплетувањето на реалното и надреалното и екстремните точки на нивното среќавање се одразува и преку спојувањето на разните жанрови. Во просторната инсталација која ја сочинуваат огромен број слики и објекти, како и анимациите кои ја активираат, Јовановиќ создава повеќедимензионална наративна мрежа низ која бројните протагонисти и различните состојби во коишто се наоѓаат, се трансформираат на едно друго ниво, како тотална слика за хаотичната современост.
 
Анимираните видеа се колекција од поетични, хумористични и трагикомични приказни, а работени според идеи на Јовановиќ, како и раскази од неколку претставници на поновата генерација македонски писатели (Румена Бужаровска, Петар Андоновски, Хана, Корнети, Алекс Букарски…). Во нивниот фокус се неизвесноста, игноранцијата, преку лични приказни, трагедии и неволји на луѓето на маргините, и преку прикажување на екстреми на човековото однесување во борбата и разбивањeто на стереотипите во патријархалното општество и потрагата по правда и слобода.
 
Овој проект, преку повеќеслојна и мултисензорна уметничка интервенција има за цел да отвори простор за преиспитување на меѓучовечките релации, и да проговори за состојбите на локално и глобално ниво во услови на сложена општествена ситуација, која е одредена од бројни кризи и егзистенцијална неизвесност.
 
Ѓорѓе Јовановиќ (Скопје, 1980) има реализирано повеќе проекти во чиј фокус се прашањата за интеграцијата и дезинтеграцијата на современиот човек. Во неговите дела тој ги преиспитува меѓучовечките односи во контекст на општата состојба на редефинирање на универзалните вредности, односот човек-општество и конзумеризмот како клучен фактор на модерниот начин на живот, политиката како фактор на распаѓање на градовите, државите и семејствата. Присутен е и елементот на авто-референцијалноста, како и преиспитувањето на себеси во потесен и поширок контекст на распадот на старите и создавањето на нови вредности. Работи инсталации, перформанси, објекти, видеа, колажи и слики со цел да постигне трансформација на уметничкиот израз и индивидуална експресија, следејќи ја флуидноста на современиот контекст.
Реализирал повеќе самостојни изложби во државата и странство, меѓу кои: „Обезглавените“ – Прима центар Берлин (Берлин, 2020), „Chocolate Drops“ – галерија „Хоаст“ (Виена, 2018), „Радио Слободно Скопје“ – Центар за современи уметности (Скопје, 2015-16), „Изуми за вас, прекрасни луѓе!“ – Музеј на современата уметност (Скопје, 2014), „Исповедите на еден јадач на колачи“ (Ровињ, 2013), „Фрагментарниот архив на уметникот од земјата во транзиција“ (Њујорк, 2010), „It’sComplicated“ (Грац, 2010) итн.
Резиденцијални престои: IAAB – Базел, TICA – Тирана, La Cité internationale des Arts – Париз, Watermill Centеr Њујорк, „Апартмент проект“ – Истанбул, ISCP – Њујорк, CCN – Грац.
 
Добитник е на повеќе награди: „Денес“ за млад уметник за 2009, наградата за видео на меѓународниот фестивал „Алтернативен филм/Видео“ во Белград, 2009, Акто фестивал, Битола, 2012 и Најдобар млад уметникна 10. Биенале на млади уметници, Музеј насовремената уметност за 2013.
 
Проектот се реализира со финансиска поддршка од Министерството за култура на Република Северна Македонија и Центарот за истражување и информирање за животна средина „Еко-свест“.
Изложбата ќе биде отворена до 10 февруари 2024 година.