Елизабета Ѓоргиевска се обрати на настанот „Твоето тело е твое, и на нет и во реалниот свет“, во организација на Канцеларијата на Фондот за население на Обединетите Нации – УНФПА во Скопје.
Во своето обраќање Ѓоргиевска посочи дека родово базираното насилство во интернет просторот е недоволно експонирана тема чие актуелизирање е потребно и изнаоѓање на решенија.
„Насилството во виртуелниот свет иако не е физичко, подеднакво боли и остава трајни последици. Многу жени ширум светот доживеале некаква форма на родово базирано насилство извршено со злоупотреба на технологијата, додека девојчињата, девојките и младите жени се особено подложни на тоа“, истакна Ѓоргиевска.
Таа ја поздрави изработката на поимникот за родово базирано насилство, потенцирајќи дека колку сме поинформирани за разновидните начини на коишто интернетот може да биде (зло)употребен како алатка за насилство, толку полесно ќе биде тоа да се спречи, соодветно да се реагира и да се санкционира.
„За насилството кое се случува онлајн, во виртуелниот простор, мораме да зборуваме отворено и гласно, постојано и упорно. Само така полесно ќе го препознаеме за да можеме да го спречиме. Мораме да ги сензибилизираме нашите граѓанки дека родово базираното насилство во интернет просторот е недозволиво и треба да се санкционира и искорени. Често многумина, особено млади, не се свесни за тежината на постапките на социјалните мрежи и се чувствуваат слободни и сигурни зад тастатурата да можат да загрозуваат друга личност, дискриминирајќи, навредувајќи, извршувајќи насилие. Тоа мора да запре“, рече во обраќањето Ѓоргиевска.
Таа изрази благодарност до сите кои отворено зборуваат за насилството што им се случило и со тоа ги охрабруваат и останатите жртви да не потиснуваат и живеат во страв.
Настанот е дел од глобалната кампања на УНФПА „Вodyright“, што претставува глобален повик за акција со цел да се спречи насилството врз жените и девојчињата во виртуелниот простор.