Горјан Петревски на 13. Европска ноќ на литературата во Софија

Сподели

Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Софија ќе учествува на 13. Европска ноќ на литературата што ќе се одржи вечер во бугарскиот главен град, со презентација на книгата „Исти очи“ од македонскиот писател Горјан Петревски. Книгата од Петревски во Бугарија излезе од печат годинава, како издание на издавачката куќа „Изида“.

На настанот посветен на европската книжевност, во десет градови во Бугарија, во нетипични пространства за литературата (читателски гнезда), актери, новинари, преведувачи, музичари, автори ќе читаат литературни дела. Од КИЦ наведуваат дека на настанот што ќе се одржи меѓу 18:00 и 21:30 часот во Софија, посетителите во македонското читателско гнездо ќе имаат можност да слушнат извадоци од книгата „Исти очи“ што ќе ги читаат актерот и режисер Ѓорѓи Георгиев-Антика и актерот Игор Дамјанов.

Македонското читателско гнездо (ул. „6 Септември“ бр. 8) е дел од мрежата на блиски локации за читање, а ќе бидат претставени 19 книги од 19 земји. Извадоци од книгите се избираат од амбасадите и културните институти на европските земји.

„Ноќ на литературата“ е иницијатива на чешките центри низ светот и има цел да ја популаризира современата европска поезија и проза преку нестандардни читања на извадоци од преведени книги на нетипични и неочекувани места.