Град Скопје: Барокната Градска куќа оди на продажба

Сподели

 

На денешната 41 седница на Советот на Град Скопје, по предлог на градоначалникот Петре Шилегов се стави на гласање и се изгласа одлуката за продажба на барокната Градска куќа на кејот на реката Вардар.

-“Денешнава седница ја отвораме со оваа точка затоа што во меѓувреме  успеавме да го завршиме објектот којшто беше започнат можеби пред една декада. Објектот којшто е изграден од Градот, откако е дојдено новото раководство на градската администрација, во неговото завршување имаме вложено 3,2 милиони евра. Ова докажува дека ниту имало намера, ниту тенденција да не се заврши неговата изградба” – изјави Шилегов.

 

 

Оваа зграда, дел од проектот „Скопје 2014“ ќе се продава по почетна цена од 12,7 милиони евра, колку што е проценета нејзината вредност. Советниците на ВМРО – ДПМНЕ во градскиот совет се спротивставија на ваквата одлука и ја напуштија денешната седница, обвинувајќи дека зад одлуката стојат силни бизнис – интереси.

Градоначалникот Петре Шилегов нагласи дека се направени напори за да се заврши изградбата на Градската куќа, но со направените анализи се утврдило дека само три – петтини од вработените можеле да се сместат во овој објект, односно само 352 вработени. Шилегов посочи дека актуелното раководство досега инвестирало 3,2 милиони евра во довршување на зградата, со што се покажува дека немале намера да не ја завршат неговата изградба.

– Би сакал да имаме надзор од Советот во целиов процес, бидејќи сакаме тој да биде јавен и транспарентен затоа што немаме што да криеме. Продажбата ќе оди со аукција, преку системот на ЗЕЛС и ќе биде видлива за сите – рече Шилегов.

За спроведување на продажбата ќе биде формирана комисија, која што ќе биде одговорна и за евентуалното купување на некој друг објект на многу посоодветна и подостапна локација за граѓаните на Скопје.

Шилегов го посочи и фактот дека „барокната“ зграда има крајно нефункционална внатрешност заради неговата форма.

– Локацијата на градската куќа за мене е многу несреќно избрана, бидејќи народски кажано таа е отпат и тргната е на страна од главната градска инфраструктура, а за да дојдете до неа имате слаба конекција со јавниот транспорт – истакна Шилегов.