Комуналните редари на Градот Скопје изминатиов период ги засилија контролите на терен што резултираше со зголемување на казните и опомените и видливи резултати, значително подобрени во однос на претходните години.
Така, во периодот јануари – мај 2019 година се изречени вкупно 649 мандатни казни, што претставува четирикратно зголемување на бројот на изречени казни во споредба со истиот период во 2018 година, кога биле изречени 149 мандатни казни.
Изречените мандатни казни се однесуваат на сторени прекршоци според Законот за јавна чистота, член 14, според кој се забранува фрлање и оставање градежен шут на јавните површини; фрлање и оставање различни видови отпадоци; оставање стари предмети од домаќинство; палење, закопување и уништување смет; продажба и излагање земјоделски и индустриски производи, освен на местата определени за таа намена; превоз на песок, земја, цемент, глина, земјоделско ѓубре, сено, отпад или слични материјали без претходна подготовка и поклопување на материјалите со поклопец; вклучување во сообраќај на моторни, влечни и запрежни возила од стоваришта или градилишта со валкани тркала; палење и уништување на садовите за собирање смет; уништување на урбаната и друга опрема (клупи, фонтани, билборди, опрема на детски игралишта) и друго – се наведува во соопштението на Град Скопје.
Градот Скопје апелира до граѓаните да ја чуваат и да не ја загадуваат животната средина, ѓубрето да го фрлаат исклучиво во контејнерите и корпите за отпадоци, да го чуваат зеленилото, прописно да паркираат и да ги почитуваат одредбите од Законот за јавна чистота.