Секоја година овој датум, 26-ти јули, не потсетува на катастрофалниот земјотрес во 1963 година, на солидарноста на неговите жители, но и на солидарноста на светот кој сплотено ни помагаше во тие тешки и болни денови. Многу жители ги загубија животите под урнатините на Скопје, а голем број беа повредени.
Традиционално одбележувањето на 59-годишнината од катастрофалниот земјотрес во 1963 година, ќе започне со положување цвеќиња во 10 часот на Споменикот на жртвите од земјотресот на градските гробишта во Бутел.
Во Младинскиот културен центар вечер, во 20 часот, ќе се обрати пред присутните градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, која ќе ја отвори изложбата „За Скопје со срце од целиот свет“.
Во 20:30 часот во Кино „Фросина“, ќе се одржи проекција на филмот „1963: ДОБРА НОЌ СКОПЈЕ„ во режија на Илија Павлов, а во 21:00 часот ќе се одржи Вечерен настан за одбележување.
Одбележувањето на овој ден е потсетник за сите нас за трагедијата од која повторно се родил градот Скопје, кој во својата долга историја повеќе пати бил жртва на природни катастрофи.