Преку проектот „Социо-образовни придобивки преку поддршка на ранливите категории граѓани на територија на Град Скопје“, Градот има за цел унапредување на социјалните услуги на територијата на Град Скопје, особено имајќи ги предвид социјално ранливите категории на граѓани, нивните секојдневни животни потреби, но и придонесот во намалување на невработеноста кај овие наши сограѓани.
За прв пат, во рамки на програмата за општинско-корисна работа, Градот ќе ангажира 10 образовни асистенти во 9 средни училишта во Скопје кои ќе работат со ученици со посебни образовни потреби или ученици со интелектуална попреченост, 5 персонални асистенти за лицата со телесна попреченост и 5 негуватели на стари лица, што е новина и претставува надополнување и унапредување на квалитетот на постојните услуги кои веќе се реализираат на локално ниво.
Лицата кои ќе бидат работно ангажирани ќе припаѓаат на некоја од ранливите категории на население, вклучувајќи ги и корисниците на социјална помош. За таа цел Градот Скопје во соработка со УНДП и Агенцијата за вработување, распиша јавен оглас за вклучување на овие лица во Програмата.
– Преку стручното оспособување и практичното искуство со кои ќе се стекнат лицата кои работно ќе се ангажираат ќе овозможиме тие полесно да се вклучат на пазарот на трудот, а истовремено ќе придонесеме во олеснување на секојдневните пречки со кои се соочуваат лицата со посебни образовни потреби и интелектуална попреченост во средните училишта, лицата со телесна попреченост како и старите лица на кои им е потребна нега. Град Скопје има цел да овозможи еднакви услови за живот за сите граѓани. Социјалната инклузија е неопходна за да градиме општество без дискриминација, со еднакви права и можности. Затоа поддржуваме и реализираме активности преку кои придонесуваме за социјалниот аспект во живеењето во нашиот град – кажа Ваљон Салиху, портпарол на Град Скопје.
Дополнително, покрај финансискиот надоместок што ангажираните лица ќе го добиваат согласно со Програмата, Градот Скопје ќе обезбеди и бесплатно користење на јавниот градски превоз или користење велосипеди согласно со интересот изразен поединечно од секое ангажирано лице.
– Имајќи го предвид значењето на овој тип социјални услуги, имаме намера по завршување на проектот, активностите да ги инкорпорираме во рамки на програмите на Градот Скопје со цел континуирано да придонесуваме во унапредување на услугите од социјалната сфера, да ја поддржуваме и поттикнуваме социјалната инклузија – изјави Радица Тодоровска, општински координатор на проектот.