ГРАЃАНСКИ ИНИЦИЈАТИВИ УТРЕ СЕ ЗДРУЖУВААТ НА СОБИР „ВО ОДБРАНА НА ЈАВНИОТ ПРОСТОР И ЗАЕДНИЧКИТЕ ДОБРА“

Сподели

sobir-vo-karpos-na-inicijativi-flaer-702x336

Што може да споделиме од досегашното искуство и како да се зајакнеме? Колкава е солидарноста која ја покажуваме едни кон други додека сите сме зафатени водејќи ја својата битка? Кои се механизмите на долг рок преку кои би можело ефективно да се обезбеди граѓанско влијание во донесувањето на одлуки за урбанистичко планирање?

Ова се дел од прашањата на кои неколку неформални иницијативи утре од 13 часот отворено ќе дискутираат во паркот на улицата „Букурешка“ во скопско Тафталиџе 1. Настанот носи име „Во одбрана на јавниот простор и заедничките добра“.

На собирот иницијативите ќе зборуваат и ќе се запознаат со своите досегашни активности во делување за заштита на животната средината, јавното зеленило и квалитетот на живот во својата околина.

Иницијатори на собирот се „Жителите на општина Карпош“ и левичарското движење „Солидарност“, кои потенцираат дека во изминатиов период повеќе неформални граѓански иницијативи никнаа застанувајќи во одбрана на своите населби и заедничките добра, по кои, како што велат, бескрупулозно посегаат општинските власти преку лукративни и целосно неиздржани проекти за урбани градби.

„Повеќекатници, нефункционални катни гаражи и приватни објекти забрзано се појавуваат во населени места со и онака малку зеленило и каде што за нив нема место. Соседи и сосетки во неколку скопски општини се самоорганизираа и на разни начини се борат за зачувување на малкуте зелени површини, паркови, игралишта и други јавни простори кои се најдоа на мета на спорни нови ДУП-ови (детални урбанистички планови)“, стои во повикот за утрешниот собир.

Иницијаторите  потенцираат дека активист/к/и од иницијативата Охрид ЅОЅ неуморно работат за да ја анимираат јавноста за еколошката катастрофа која го демне Охридското езеро поради планови за градба на самиот брег.

Во Битола здружени жители се спротиставија на сомнителна продажба на значаен јавен објект, Офицерскиот дом. Во Штип, пак, одбраната на паркот во „8 ноември“ од уништување ги размрда и здружи соседите. Исто така, битката против енормното загадување во повеќе урбани средини во Македонија ја водат низ годините најразлични иницијативи и здружени граѓан/к/и.

„Колку сте вие информирани за она што се случува со јавниот простор и заедничките добра во земјава? Ве повикуваме на дискусија и дружба во паркот на ул. ‘Букурешка’, Тафталиџе 1, Скопје. Воздухот кој го дишеме, водата, природните богатства и јавниот простор се наши, заеднички. Сите сме засегнати“, се вели во повикот за настанот.