„Заедничка позиција Иванов – Ердоган против грчките позиции“; „Негативен во однос на промената на Уставот, претседателот на Скопје – Поддршка од Ердоган“; „Удар од Иванов – Ердоган за македонското прашање“; „Поддршка од Ердоган за ПЈРМ, Иванов: Задирање во прашања како идентитетот и Уставот го отежнуваат решението“; „Ердоган и Иванов фрлаат оган во преговорите со провокативни изјави“, се само дел од насловите во грчките медиуми за вчерашната средба на македонскиот со турскиот претседател во Анкара, јавува дописникот на МИА од Атина.
Ставовите на Реџеп Тајип Ердоган и на Ѓорге Иванов, не останаа незабележани од онлајн изданијата на медиумите во Грција, но без дополнителни новинарски коментари и анализи.
Речиси сите онлајн изданија, го презедоа текстот објавен од грчката новинска агенција АНА-МПА под наслов „Средба Ердоган – Иванов со осврт на прашањето за името на заедничката прес конференцијата“, во кој се пренесени изјавите на двајцата претседатели. Агенцијата го пренесува ставот на Иванов дека „задирањето во прашањата како што се јазикот, идентитетот и Уставот не придонесува, туку го отежнува процесот за изнаоѓање решение“, како и ставот на Ердоган дека „тие први ја признале земјата под уставното име Република Македонија“.
Освен вчерашната средба Ердоган- Иванов, онлајн изданијата на грчките медиуми, во фокусот ја ставаат и денешната посета на Берлин на премиерот Заев.
„Канцеларката ќе го пречека господинот Заев со воени почести во 12 часот, додека пак околу 13.15 се очекува да се одржи заедничка прес конференција“, пишува грчката новинска агенција и потсетува дека првата средба Меркел- Заев се одржа во јули минатата година на маргините на Самитот ЕУ- Западен Балкан во Трст.