Во однос на дигиталната трансформација на општеството, Грковска информираше дека фокусот во моментов е ставен на Законот за архивско работење, како и на создавање услови за изготвување на електронска лична карта, како основна алатка за дигитализација на процесите и за пристап до дигитални услуги, што е клучно за намалување на субјективниот фактор, а со тоа и на корупцијата.
„Во услови на брз технолошки развој, мора да го направиме општеството поагилно на промени. Мора да се фати чекор, а не да се водиме по стариот ментален склоп. Овие процеси се почнати и нема враќање назад“, нагласи Грковска, додавајќи дека дигиталната трансформација на општеството не е политички, туку општествен процес.
Во однос на состојбата во правосудниот систем, вицепремиерката Грковска оцени дека судската фела треба внатре да се охрабри, да не се солидаризира туку самата да реагира и да ги санкционира малата група судии и обвинители коишто ставаат белег на целата фела.
„Ние треба да изградиме институции во кои граѓаните ќе имаат доверба. Правосудниот систем е столбот на овој процес. Имаме толку мала доверба во правосудниот систем, граѓаните не се убедени дека правосудниот систем се однесува професионално, пристапува на секој случај подеднакво според закон и дека не ги носи своите одлуки со разлика дали некој е политичар, бизнисмен или обичен граѓанин“, додаде Грковска.