Грчката национална комисија за вакцинација, по одржаниот состанок за несаканите дејства по примањето на вакцината на „АстраЗенека“ оцени дека процесот на имунизација во земјата со вакцината на британско-шведската компанија треба да продолжи регуларно, согласно објавениот план, пренесува МИА.
Од Комисијата соопштуваат дека од надлежните органи од Европската организација за лекови (ЕМА) досега не добиле доказ дека вакцинацијата е директоно поврзана со случаите на тромбоза.
Од Комисијата за вакцинација додаваат дека во соработка со Грчката организација за лекови, „им даваат апсолутен приоритет на прашањата поврзани со безбедноста на вакцините“ и континуирано ги следат и оценуваат сите наводи за можни несакани дејства од вакцините, „со цел да се заштити здравјето на граѓаните”.
Вакцината на „АстраЗенека“, првично во Грција беше наменета за лицата до 65 годишна возраст, а минатата недела Комисијата ја промени таа одлука и даде зелено светло, да се користи за целото население.
МИА