Течат последните часови до промената на Уставот заради Преспанскиот договор и промената на името, идентитетот, историјата…
Кога овие измени ќе поминат во македонскиот парламент, Грција сигурно нема да ја пропушти оваа историска шанса да постигне договор кој за нив е целосен триумф а за нас содржината на тој договор е национална катастрофа. Договор за каков пред две години не сонуваа.
Како што кажав во мојот статус во јуни, со овој договор станаа јасни сите некому претходно нејасни работи.
Секому стана јасно дека без национално предаство во минатото договор со Грција не бил можен и дека се што се случува во последните 4 години беше во функција на овој и баш ваков договор. Од креираните матерјали, вештачкото креирање негативна слика за ВМРО-ДПМНЕ со невидена досега пропаганда.
Преку спречувањето да формира влада по изборите во 2016та, незаконското назначување претседател на парламентот, преку судските прогони кон стотици политичари и нивни соработници, притврања, апсења, ненадејни ослободувања од притвори, закони за амнестии, прогонот кон мене лично со фабрикувани обвиненија, и редица други работи со кои на крајот ги скршија законите, основните принци на однесување и работење и темелните морални вредности во Македонија, со што како ,,нус ефект,, се создаде атмосфера иселувањето од Македонија да стане пет пати поголемо од претходно.
Се направи се, за најправо да се изгласа штетниот договор со Бугарија па неуставната двојазичност и конечно главната работа заради која беше осмислена целата операција: промената на името со марионетска влада и пратеници.
За жал, големите политички прашања не секогаш можат да решат со правни инструменти. Според силата на поредокот пред векови е констатирано дека прва е војната, втора е политиката па на трето место е правото. Гледаме на дело со стотици примери во последните речиси две години, како политиката го суспендира правото. Или уште повалканото, како правото се стави во функција на политиката.
Но, тоа не е веќе демократија.
Јас бев и сум голем подржувач Македонија да стане членка на НАТО и ЕУ. Нашето место е таму и во сојуз со Америка. И бев за концепт за разумен компромис за таа цел. Тој концепт со овој договор е мртов.
Мнозинството од народот не се согласува со овој договор, што се виде и од исходот на референдумот. Но, марионетската власт е решена да оди против неговата воља, по секоја цена и да го стави секого во затвор, протера или ликвидира, кој ќе и се попречи на патот. Народот излегува и протестира, но сега веќе одлуката е во рацете на пратениците. На оние 79,80 или 81 пратеника.
За пратениците на мнозинството, ова не е ноќ за спиење. Оваа ноќ е последна шанса за размислување и премислување со ставањето на националниот пред партискиот и/или личниот интерес. Знам дека не ви е лесно….барем јас знам.
Ова се историски одлуки. Да, можен е подобар и пофер договор. Треба само верба, храброст, отфрлање на уцените, воља и време, за постигнување на двете: разумен компромис /фер договор и НАТО и ЕУ.
Незаборавајте дека ставате ,,црн печат,, на една 140 годишна крвава битка за македонското национално прашање. Таа пролеана крв заслужува македонското прашање да се затвори, но во полза на македонците. Или поинаку кажано да се затвори, но не на штета на македоците.
Тоа е во ваши раце. Од Вас зависи.
ФБ статус, Никола Груевски