Губерац: Премиерот Пленковиќ во војна со новинарите: увертира во физичко насилство?

Сподели

 

Доколку најмоќните луѓе во земјата (вклучително и претседателот Милановиќ) не престанат со вербалните напади и притисоци врз новинари и медиуми, се плашам дека Хрватска ќе појде по стапките на Унгарија, Полска и Словенија во однос на (не)слободата на медиумите, што секако не е европски, туку автократски пат.

Бојана Губерац

Иако навредите и обезвреднувањето на новинарите не се ништо ново во Хрватска, хрватската јавност треба сериозно да размисли за неодамнешниот потег на премиерот Андреј Пленковиќ. Бидејќи во моментот кога омаловажувањето на новинарите преминува од вербално во физичко, јасно е дека премиерот не само што ја преминал границата на пристојно однесување, туку и границата која го дели демократски избраниот премиер од автократ. Кога народот има премиер со автократски тенденции кој става мета на челото на новинарите, односно на оние кои работат за интересите на јавноста – сосема е јасно дека во блиска иднина кој било граѓанин или група во Хрватска може да стане мета.

Детаљ што го открива

Само неколку часа откако прогласи убедлива победа за ХДЗ на локалните избори, премиерот Пленковиќ ги нападна комерцијалните телевизиски куќи, обвинувајќи ги дека се „платеници кои оцрнуваат политичка опција“, кои намерно на дебатите во првиот изборен круг погрешно го изговарале името на кандидатот на ХДЗ за градоначалник на Загреб – Давор Филиповиќ. Во својот крајно параноичен напад, премиерот заклучи дека ова е заедничка акција на комерцијалните медиуми и дека, според тоа, медиумите се виновни за лошиот резултат на кандидатот за ХДЗ, Давор Филиповиќ. Меѓутоа, треба да се нагласи дека новинарот на „Нови лист“, Дамир Кундиќ, откри дека првите што погрешно го претставиле името на својот кандидат во јавниот дискурс – биле токму ХДЗ.

Во досега незапаметен потег на хрватската политичка сцена, премиерот луто „потчукнуваше“ по микрофоните на телевизиските станици и ги прозиваше по ред – РТЛ, Нова ТВ и Н1 телевизија, која, остро додаде премиерот, требало да „направи плакат на кој пишува каква идеолошка телевизија е“. Тој многу алармантен детаљ – потчукнувањето по сунѓерите на микрофоните може да се детектира само како увертира во физичкото насилство врз новинарите, поттикнато од премиерот.

Два дена подоцна, премиерот даде интервју за телевизијата РТЛ, која претходно ја обвини за здружена медиумска саботажа. Дамира Грегорет од РТЛ го потсети дека неговото последно интервју за РТЛ било пред една година, иако постојано го канеле на интервјуа. На прашањето дали некогаш видел „такво потчукнување на микрофони од кој било друг премиер“, Пленковиќ одговори со цинично контра-прашање – мислите дека сунѓерот на микрофонот чувствува болка?

Грегорет потоа точно констатираше дека ваквото однесување испраќа одредена порака. Бидејќи, кога живееме во земја каде што, на пример, член на навивачката група „Армада“ е доволно слободен отворено да се заканува со бомба на радио станица која е во рамките на Хрватската радио телевизија, поради пуштање „погрешна песна“, физичкото омаловажување од премиерот на новинари испраќа двојно пострашна порака, земајќи предвид дека се работи за најмоќниот човек во државата кој со својата постапка испраќа порака дека е во ред физички да се пресметува со новинари.

Осуда од новинарските здруженија

Во заедничкото соопштение потпишано од претседателката на Синдикатот на новинари на Хрватска (СНХ), Маја Север и Хрвоје Зовко, претседател на хрватското Здружение на новинари (ХНД), остро се осудува вербалниот напад на Пленковиќ врз медиумите, неговото мешање во уредувачката политика на националните комерцијални телевизии на РТЛ и прозивката на новинарите и аналитичарите кои ја следеа кампањата и локалните избори во Хрватска.

Тие истакнаа дека СНХ и ХНД, како најголеми професионални и синдикални организации на новинари во Хрватска, ги сметаат за недопустливи отворените закани упатени од премиерот Пленковиќ од позицијата на најмоќен човек во државата до колегите кои „не се на иста линија со неговата идеологија и идеологијата на ХДЗ “. „Да се ​​прогласат за платеници сите оние кои критички ги анализираат кандидатите пред избори и да се етикетираат како ‘аналитичари кои оцрнуваат за пари’ не е дискурс што го користат политичари, камоли премиери на цивилизираните и демократски земји од Европската Унија.“, констатираат тие.

Нападите врз новинари се вообичаен начин на работа на премиерот

Тие додадоа дека не е првпат Андреј Пленковиќ „да впери одмаздољубив заканувачки прст кон новинари кои не се по негов вкус и волја, обвинувајќи ги дури и дека воделе хибридна војна против него лично и против ХДЗ, обидувајќи се да се наметне како единствен можен главен и одговорен уредник на сите Хрватски медиуми“.

Premierot Plenkovic vo vojna so novinarite uvertira vo fizicko nasilstvoИзвор: balkaninsight.com

Само да се потсетиме кога во јуни го обвини новинарот на Н1 телевизија Хрвоје Крешиќ за агитирање за опозицијата или кога во јули Меѓународната федерација на новинари (IFJ) изјави: „Засрамете се, Андреја Пленковиќ“ поради неоснованиот напад врз новинарката на ХРТ и претседателка на СНХ Маја Север, кога во дебатата со Давор Бернардиќ од СДП обвини дека Север го подготвувала Бернардиќ за дебатата. Потоа кога во декември се осврна на уредничката политика на Н1, ХТВ, Нова ТВ и РТЛ, притоа вперувајќи прст кон сите нивни новинари со зборовите: „Колку повеќе разумни луѓе се во етерот, толку повеќе луѓето ќе се вакцинираат. Помалку чинат односите со јавноста отколку смрт од Ковид“. Или кога во јануари годинава го нападна новинарот Домагој Новокмет, велејќи дека ги читал прашањата од подготвени ливчиња.

Така, во изминатава година која ќе ја паметиме, меѓу другото, и по ограничување на слободата на граѓаните, премиерот покажа дека новонастанатата ситуација предизвикана од пандемијата со коронавирусот и тоа како одговара на неговите автократски тенденции, особено видливи во нападите врз новинари и обидите да се влијае врз уредувачката политика на медиумите. Ескалацијата на овие тенденции ја видовме токму во новиот напад од премиерот врз медиумите и новинарите, кога отиде чекор подалеку и потчукнуваше по работната опрема на новинарите.

Реакција на Европската федерација на новинари

Европската федерација на новинари (ЕФН) го поддржа својот огранок, Хрватското здружение на новинари (ХНД), осудувајќи ги најновите вербални напади и обвиненија од премиерот Андреј Пленковиќ кон медиумите и новинарите по локалните избори на 30 мај.

„Сосема е неприфатливо новинарите да бидат нападнати од премиерот, а неодамна и од претседателот на Хрватска. Да се ​​обвинат новинарите на овој начин е обид да се наруши нивниот кредибилитет со цел да се ограничи нивната улога на противтежа. Закани или навреди кон новинари значат закани и навреди кон граѓаните и нарушување на граѓанското право на пристап до бесплатни и независни информации“, изјави генералниот секретар на ЕФН, Рикардо Гутиерез.

„Немаше реакција ниту од премиерот ниту од претседателот на осудата од ЕФН. Можеби некој го поучил премиерот дека тоа се институции на Европската Унија со кои тој е толку блиско врзан и верувам дека ја почитува европската идеја, па можеби поради тоа не реагирал. Се сомневам дека не ја видел“, рече Маја Север, новинарка на ХРТ и претседател на Синдикатот на новинари на Хрватска.

Милановиќ рамо до рамо со Пленковиќ

Марлон Брандо, како што самиот себеси се нарече претседателот Зоран Милановиќ откако ја презеде функцијата, не престанува со расправиите. И покрај тоа што постојано се расправаат со премиерот преку медиумите и социјалните мрежи, тие сепак се слични во една карактерна особина – автократскиот пристап кон медиумите и новинарите. Пленковиќ не е сам во битката со медиумите, претседателот на државата му помага по принципот пола-пола. На пример, премиерот ги напаѓа комерцијалните медиуми, а претседателот јавниот сервис, со неколку исклучоци. „Излезете на пазар, да видиме која телевизија ќе ве вработи. Вие сте државна, политичка телевизија, вашата политичка програма е за срамота, на ниво на Советскиот Сојуз е и ова го кажувам како претседател на Хрватска, а и повеќето граѓани мислат така“, тој ги нападна новинарите на ХРТ со таков дегутантен вокабулар во мај и им порача дека „се полоши од Јутел“.

Во април се одбележа 76-годишнината од пробивот на последните притвореници од усташкиот логор Јасеновац. Таму претседателот вербално се судри со новинарот Саша Косановиќ, за кое, да бидеме искрени, оскудно и премалку се зборуваше во хрватскиот јавен простор, иако чинот на напад на Косановиќ апсолутно заслужува осуда. Кога зборуваме за какви било напади врз новинари, тогаш поделбата на левица и десница е цел сама за себе. Не може да се „прогледа низ прсти“ кога навредува левичарскиот претседател, а да се реагира кога тоа го прави десничарскиот премиер. Ако претседателот на државата веќе е „во филм“, тогаш барем новинарите треба да се разбудат и да сфатат колку е штетен за демократијата таканаречениот „заеднички потфат“ на премиерот и на претседателот на Хрватска во нивниот однос кон медиумите и новинарите.

Што понатаму?

Доколку не престанат вербалните напади и притисоци врз новинари и медиуми од најмоќните луѓе во земјата, се плашам дека Хрватска силно ќе зачекори по стапките на Унгарија, Полска и Словенија во однос на неслободата на медиумите, што секако не е европски, туку автократски пат. Она што загрижува е фактот дека дури и ЕУ не може да стори премногу за слободата на медиумите. Во март, Европскиот парламент расправаше за слободата на медиумите во Полска, Унгарија и Словенија. Тогаш потпретседателката на Европската комисија, Вера Јоурова призна дека „Европската комисија има многу ограничена можност за дејствување“ и дека ѝ недостасуваат „делотворни политички и правни средства“.

Значи, ако хрватските новинари не можат да сметаат на ЕУ или на владата да преземат нешто конкретно за да ја подобрат состојбата во медиумите, тогаш има само уште една опција што најдобро се отсликува во зборовите на покојната доајенка на хрватското истражувачко новинарство Јасна Бабиќ: „Никој нема да ни даде слобода, новинарите имаат слобода колку што самите ќе си ја создадат. Ни повеќе ни помалку. И воопшто не сакам Парламентот или кој било да ми гарантира слободен простор, оти тоа би значело дека ми е подарен. Кога нешто е подарено, кога слободата е подарена, дури и да е слобода на новинарството – тогаш, брате мили, може и да се одземе. Оној што дава, тој и зема.”

Значи, јасно е дека новинарите ќе мораат сами да се борат за слобода на медиумите, што е фактички невозможно без силни и навремени синергии низ цела Хрватска – затоа што само обединети новинари се слободни новинари. Не сум оптимистична, но сепак се надевам дека моите колеги ќе разберат дека тоа е единствениот исправен пат.

respublica.edu.mk