Во време на масовни комуникации, вестите се шират речиси истовремено со развојот на случувањата кои ги создаваат, а информациите се достапни насекаде и секому. Покрај очигледните предности, постојат и сериозни недостатоци како последица на овој невиден технолошки напредок. Како никогаш досега се наметнува потребата од критичко промислување на достапните информации и вести. Неодамнешната трагична поплава во Македонија ги илустрира овие забелешки.
Необично силно невреме во период од неколку часа остави воден талог од околу 90 mm и предизвика големи поплави во околината на Скопје. Имаше и жртви. Имаше и чудни написи на накои македонски интернет портали дека ХААРП е причината.
Што е ХААРП? Тоа е High Frequency Active Auroral Research Program (HAARP), т.е. истражување на аурората (светлосни ефекти кои се набљудуваат во атмосферата на Земјата предизвикани од влијанието на наелектризирани честички врз неа) со користење на високи фреквенции. Истражувачкиот институт се наоѓа блиску до Гакона во Аљаска, Соединетите Американски Држави. Неговата работа е финансирана од американската авијација, морнарица и агенцијата за напредни проекти од одбраната (Defense Advanced Research Projects Agency, DARPA). Главниот дел на постројката е фазна низа од 180 антени поставени на површина од 13 хектари. Оваа антена се користи за да испрати радио сигнал со моќност до 4 MW (мегавати) и фреквенција од 3 до 10 MHz (милиони циклуси во секунда)[1]. Зрачењето им предава енергија на електроните од јоносферата (јонизиран дел на земјината атмосфера) на височина од 70 до 350 километри. Со разни помошни инструменти се мери реакцијата на јоносферата и се прават испитувања на нејзините својства. Бидејќи ова е делумно и воена постројка, истражувањата вклучуваат и барање начини како да се создадат „јоносферски огледала” кои би се користеле за комуницирање на големи далечини како и методи за оневозможување или засилување на сателитските комуникации преку манипулирање на својствата на јоносферата. Сето ова е познато на јавноста.
Сензационалистичките написи тврдат дека ХААРП е всушност постројка за контрола на времето, дека се користи за предизвикување на катастрофални временски непогоди, контрола на мислите, итн.
Овие „тврдења” се проблематични од повеќе аспекти. Системот ХААРП во јоносферата испорачува сосема занемарливо количество на енергија[2]. Далеку помало од она содржано во еден удар на гром, неважно во споредба со енергијата која јоносферата ја добива од Сонцето. Понатаму, сите временски феномени (облаци, врнежи) се манифестираат во тропосферата, на височина до 40 километри. Најгустиот слој на јоносферата се наоѓа барем 5 пати повисоко и е со многу помала густина од пониската атмосфера. Не е познат механизмот со кој јоносферата влијае на тропосферата.
Последиците од споменатите пишувања се многубројни. Најпрво, тие покажуваат сериозен недостиг од критичко размислување и професионалност од страна на новинарите кои работат во соодветните медиуми. Тие би можеле барем да побараат стручно мислење пред да објават невистини. Ако објавуваат сензации за зголемување на читаноста, тогаш свесно прават штета во општеството. Понатаму, во јавноста се поттикнува ненаучен пристап во толкувањето на природните појави. Во комбинација со девалвацијата на образованието во Македонија, последиците може да бидат катастрофални. Наместо со аргументи, поддржувачите на овие „теории” располагаат со завиден арсенал на реторички извртувања на логиката. Некои од нив се и: “можеби јоносферата сепак влијае на тропосферата на необјаснив начин”; “научниците се потплатени да кажуваат невистини”; “прочитав на интернет и убеден сум дека е така и вашите објаснувања не се толку интересни”, итн.
Еквивалентно на ова, би можеле да резонираме и вака: магарињата не летаат, и сите го знаеме тоа, ама во едно село зад седум мориња и седум планини, на еден ден во годината тоа се случува. Јас тоа сум го чул од еден старец на кој апсолутно му верувам. Повелете, докажете дека не е така.
Најпосле, ваквите написи се штетни и поради тоа што го суспендираат индивидуалното прашување со наметнување на една неверојатна приказна како вистинита. Колку поневеројатна, толку подобро. Само треба да се верува и да не се бараат одговори преку напорно и детално истражување на фактите. Оти ако се побараат факти, ќе се откријат неисчистени одводни канали, катастрофална урбанизација, бессрамна легализација на дивоградби за еден денар и девалвација на стручноста на сите нивоа. Чудовишна неспособност, која кога се разоткри, за да се спаси од одговорност, нуди приказни за речиси натприродни машини кои го расипуваат времето делувајќи на огромни растојанија. Можеби вистинските причини за катастрофата која го снајде ова парче од Македонија се далеку поблиску и воопшто не се толку спектакуларни. А тоа е страшно. Оти, треба да се работи и да се променат нештата. Нималку пријатна вест за нечии уши.
Инаку, ХААРП престана со работа и истражувањата се запрени од 2014 година.
Александар Шулевски
Текстот е објавен во naukazasite.mk