Еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, ги повика земјите членки на ЕУ да ги отворат преговорите за членство со Северна Македонија што е можно побргу, – пренесува МИА.
Одговарајќи на новинарско прашање пред почетокот на Советот за надворешни работи на ЕУ во Луксембург, комесарот Хан посочи дека земјите членки сѐ уште преговараат на оваа тема.
– Можам само да повторам дека треба да се отворат што е можно побргу затоа што направија сѐ, не е само сигнал за Северна Македонија, туку за целиот регион – порача Хан пред состанокот.
Комесарот оценува дека недоделувањето датум за преговори во најкус можен рок за Македонија може да влијае врз српско-косовскиот дијалог.
– Ако ги отвораме повторно преговорите со Србија и Косово, тие треба да видат дека инвестирањето во изнаоѓање политички компромис се наградува, инаку нема да имаат мотивација, мислам дека е важно луѓето да разберат колку е важно да и се даде сигнал на една земја во интерес на целиот регион – рече Јоханес Хан.
Засега во нацрт-заклучоците на ЕУ, се предвидува септември 2019 како датум за преговори за Албанија и Македонија, но тоа не е доволно според Хан.
– Не го сакам зборот компромис во овој контекст, тоа е нешто што морам да го прифатам. Мојот предлог беше дека секогаш кога една земја исполнува, и ние мораме да испорачаме, затоа и секое одлагање носи ризик, а јас не сакам да има ризик онаму каде е непотребно – изјави комесарот Хан.
Запрашан која е неговата порака до Франција и Холандија, кои имаат најголем отпор кон отворањето преговори со Скопје и Тирана, Хан ги повика да ја имаат на ум регионалната ситуација во целост.
– Една земја енормно инвестираше во својата европска перспектива, лидерите покажаа храброст и лидерство, и ако не ја наградиме ние губиме одговорност и кредибилитет, како и влијание, сѐ што инвестиравме во последните години е во опасност ако не се држиме до нашите ветувања – предупреди Хан.